„Некст Тајм“ ја обработија „Кога падна на Пирина“ во чест на Јане Сандански
15.04.2022 April Petok
Во преполната сала на киното „Милениум“ во Скопје вчеравечер се одржа премиерата на видеозаписот за песната „Кога падна на Пирина“, последна од бројните обработки на македонски народни бисери на дуото „Некст тајм“.
Како и на претходните обработки, браќата Мартин и Стефан Филиповски соработуваа со врвни професионалци. Како што велат на снимањето на песната „Кога падна на Пирина“ и на видеозаписот работеле долго време, а воедно, ова е нивна посвета на славниот македонски револуционер, кој беше убиен на 22 април 1915 година на Пирин Планина, Бугарија, во близина на Рожденскиот манастир.
– Со гордост ви го претставуваме нашиот најнов видеозапис. Веруваме дека македонскиот дух ќе живее вечно преку оваа песна. Убедени сме дека сите вас вечерва ќе ве направиме горди – им се обратија Стефан и Мртин на присутните.
Проекцијата на спотот беше наградена со бурен аплауз и со стоечки овации, а капна и понекоја солза. На промоцијата присуствуваа голем број на нивни колеги, пријатели, соработници и се разбира, нивните најголеми обожаватели.
На социјалните мрежи по поставуавњето на видеото, исто така имаше многу емотивни реакции.
– За разлика од политичарите, вие вистински ја афирмирате Македонија, македонскиот народ и култура. Додека псотојат вакви моменти верувам во отчукувањата на разбранетото македонско срце – гласеше еден од многуте коментари.
На промоцијата беше прикажан и документарен филм за снимањето на спотот, кој исто така го режираше Огнен Шапковски.
Асистент на режија е Мартин Филиповски, кој е и продуцент на проектот, додека Стефан ја испеа оваа патриотска македонска песна на свој, уникатен начин, како и претходните обработки: „Ја излези Ѓурѓо“, „Слушам кај шумат буките“, „Да те питам бабо…“. Аражманот и овојпат е дело на Никола Мицевски. Придружните вокали ги отпејаа: Полина Тасева, Кирил Миткоски и Благојче Стојчески.
Во релизацијата на спотот учествуваа и актерите: Ненад Нацев (Јане Сандански), Ана Калаковска, Бурханедин, Филип Митревски и други. Зад целиот прокет застана продукцијата „Мелем“. Водителка на настанот беше Ели Танасковска.
По оваа промоција момците од „Некст тајм“ најавуваат нешто ново, но сосема поразлично од ова што го работеа во изминатите неколку години. М.Т.
Comments