top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Неколку македонски филмови ќе се претстават пред публиката во Сараевскиот фестивал

Првиот македонски игран филм за деца „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ ќе биде прикажан во програмата „Теен Арена“ во рамките на Сараевскиот фестивал. Присутните на овој реномиран фестивал ќе имаат можност да го видат и „Соло мод“, новиот краток филм на Тамара Котевска (копродукција на Македонија, Турција и САД). За наградата „Срце“ ќе конкурира и „Северен пол“ на Марија Апчевска, кој неодамна беше во селекцијата за Златна палма во Кан, а „Пореметена Земја“ на Кумјана Новакова и Гилјермо Карерас-Канди ќе има светска премиера во програмата за документарци

„Стела“, единствениот долгометражен филм од Македонија, како и уште две краткометражни македонски копродукции и документарец, ќе бидат претставени пред публиката на најголемиот филмски фестивал во регионот, Сараевскиот кој ќе трае од 13 до 20 август. Првиот македонски игран филм за деца „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ, еден од водечките македонски режисери, чиј опус вклучува бројни кратки играни и документарни филмови и телевизиски проекти, ќе биде прикажан во програмата „Теен Арена“ во рамките на фестивалот. Присутните на овој реномиран фестивал ќе имаат можност да го видат и „Соло мод“, новиот краток филм на Тамара Котевска (копродукција на Македонија, Турција и САД). За наградата „Срце“ ќе конкурира и „Северен пол“ краткиот филм на Марија Апчевска, кој неодамна беше во селекцијата за Златна палма во Кан, а „Пореметена Земја“ на Кумјана Новакова и Гилјермо Карерас-Канди ќе има светска премиера во програмата за документарци.

Инаку, долгометражниот игран филм „Стела“ е копродукција меѓу македонската продукциска куќа „Дрим Фектори“ (продуцент: Огнен Антов), српската продукција „Акција Продукција“ (продуцент: Јована Караулиќ) и германската „Моуна“ (продуцент: Никол Акерман). Според продукциската куќа „Дрим Фектори“, во реализацијата на овој прв македонски долгометражен филм за деца е вклучена меѓународна екипа која брои голем број автори и филмски професионалци. Во филмот главен лик е младата шарпланинка Стела, а првпат на долгометражен филм е младиот Петар Маниќ. Во филмот играат и Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и српската актерка Христина Поповиќ, позната од филмскиот хит „Парада“. Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографер е Горѓи Клинчаров, костимограф на филмот е Милена Миленковиќ, монтажер е Данчо Стефков, а композитор Оливер Јосифовски од „Љубојна“. Режисерот на “Стела“ е познат и по филмовите „Брат за еден ден“, „Допир“ и „Годините го чинат своето“, прикажувани и наградени на престижни филмски фестивали.

„Стела“ е приказна за едно куче, шарпланинка, едно дете и еден дедо. Откако детето Николa ќе проба да се самоубие заради булинг во училиштето, изгледа дека никој не ќе може да допре до него. Престанува со секаква вербална комуникација. Шарпланинката Стела е единствена која не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори. Доволно е неговото постоење и среќна е од неговата близина. Детето ќе почне да се поистоветува со неа, па неговиот глас може да се слушне единствено кога лае. Дедото, кој избегал од луѓето да живее сам на бачилото, неволно ќе го прифати Никола за во текот на оваа авантура да станат семејство бегајќи од своето вистинско семејство. Не знаејќи, со тоа ќе се доближат до она од што бегаат, но сега променети ќе можат да продолжат со животот или мирно да заминат од другата страна на вечноста.

Филмот „Стела“ е прва еко или зелена продукција во земјава, што значи дека првпат е снимен филм според сите еколошки стандарди. Водени од најновите светски еколошки стандарди, продукцијата се труди да ја намали емисијата на штетни гасови, да го рециклира отпадот според стандарди од Американската асоцијација на филмски продуценти итн.

Сараевскиот филмски фестивал, пак, е најголемиот филмски фестивал во Југоисточна Европа и е еден од најголемите филмски фестивали во Европа. Основан е во Сараево во 1995 година и секоја година ги носи едни од најголемите меѓународни и локални познати личности од светот на филмската индустрија.

На Сараевскиот филмски фестивал ќе биде прикажан и долгометражниот филм „Во потрага по Венера“ на косовската режисерка Норика Сефа. Ова остварување е копродукција меѓу Косово и Македонија, а ја има освоено Специјалната награда на жирито на фестивалот во Ротердам.


2 views

Comments


bottom of page