Незаборавни два меча, 14 гола, возбудувања, пенали
30.06.2021 Juni Sreda
Прекрасна, волшебна понеделничка фудбалска вечер на Европското првенство (ЕП) 2020, можеби најинтересна во 60-годишната историјата на ЕП. На двата осминафинални натпревари, Хрватска – Шпанија (3-5) и Франција – Швајцарија (3-3, 4-5, пенали), беа постигнати вкупно 14 гола, Хрватите и Швајцарците со головите во финишот на 90-те минути ги анулираа негативите од 1-3, па се играа продолженија, вкупно 240 минути полни со драма и возбудувања, пишува „Би-би-си“. Меѓу другото, во Копенхаген имаше бизарен автогол (на Педри), а во Букурешт прекрасен погодок (на Пол Погба), пенали и елиминација на еден од фаворитите, светскиот првак и европски вицепрвак Франција. „Ова е можеби најдобриот фудбалски ден во мојот живот. Два извонредни натпревари, кои по многу наликуваа еден на друг. Неверојатни сцени“, напиша на Твитер Гари Линекер, поранешен репрезентативец на Англија, сега ТВ-коментатор. Шпанија се пласира во четврт-финалето, победувајќи ја Хрватска со 5-3 по продолженијата. Тимот на Луис Енрике водеше со 3-1 до 85-та минута и се чинеше дека сѐ е готово. Но работите се сменија кога неговиот колега Златко Далиќ ги внесе во игра Мислав Оршиќ и Марио Пашалиќ, кои погодија двапати во последните пет минути за израмнување, 3-3. Но Шпанците се консолидираа во дополнителните 30 минути и на крајот славеа.
– Епски натпревар со убава завршница, Имав навистина интензивни натпревари како играч, како тренер и селектор, но на овој имаше од сѐ по малку. Подготвен сум за следни вакви натпревари, но не сум сигурен дали моето семејство или навивачите го посакуваат тоа. Крајот на мечот беше многу убав, мило ми е што имавме втора шанса да го добиеме – изјави Енрике. И додека Шпанците се радуваа, Хрватите во голема тага. – Кога ги постигнавме двата гола по ред и израмнивме, моето срце беше големо како куќа, но потоа се скрши откако ги примивме двата гола – изјави Никола Влашиќ за хрватската телевизија (ХРТ). Возбудувањата продолжија и на мечот во Букурешт, каде што Швајцарија го шокира светскиот првак Франција. Избраниците на францускиот селектор Дидие Дешам беа во нагатива од еден гол на полувремето, потоа беше досуден и пенал за Швајцарија што лошо го изведе Рикардо Родригез, поточно го одбрани Уго Лорис.
Веднаш потоа, Карим Бензема даде два гола за две минути, за 2-1, а ударот од далечина и голот на Пол Погба во 75-та минута за 3-1, се чинеше дека се доволни за победа на Франција. Но Швајцарците во последните десетина минути, со головите на Харис Сеферовиќ и на Марио Гаврановиќ, изборија продолженија и пенали. Одлучувачкиот петти удар од белата точка го промаши Килијан Мбапе, поточно Јан Зомер го одбрани неговиот удар. – Каков натпревар, каква фудбалска вечер! Ова беше наша шанса конечно да го минеме осминафиналето бидејќи никогаш порано не успевавме. Неверојатно е, игравме со срце и со карактер. Бевме во тешка ситуација по промашениот пенал. Горд сум на тимот, како ја анулиравме негативата. Ние секогаш верувавме – изјави Зомер.
Comments