Неделава концерти на триото „Аура“ во Кавадарци и Битола
Реномираниот камерен состав, триото „Аура“ (Страшо Темков – флејта, Ана Гацева – пијано и Марјан Милошевски – фагот), оваа недела ќе одржи два рецитала во Кавадарци и Битола. Вечерва, во 19.30 часот ќе одржат целовечерен концерт во домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци, а в сабота се претставуваат пред битолската публика, во свечената сала на Офицерски дом, исто така со почеток во 19.30 часот. И за овие концерти е одбрана атрактивна програма со дела од странски и македонски композитори: Лефебр, Коетсиер, Доницети, Шокер, Терзиев- Димовски… Триото го сочинуваат тројца реномирани македонски музички уметници, кои се редовни професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Досега имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Америка, Франција, Германија, Австрија, Англија, Бугарија, Швајцарија, Холандија, Србија и Словенија, како и во Африка и Азија. Музичките критичари ги нарекуваат „мајстори на својот инструмент“. Триото има долгогодишна и богата концертна активност во Македонија и надвор од неа и се чест гостин на реномирани меѓународни фестивали. Изведуваат дела од сите музички епохи и стилови. Она што ги одбележува овие тројца музички уметници е што редовно промовираат премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за овој состав. Нивното заедничко високоестетско камерно музицирањето карактеризира „изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звуковиот израз“. Како дел од нивната овогодишна концертна сезона следуваат настапите на два меѓународни фестивала, „Охридско лето“ и НИМУС во Србија.
Мирјана Мукаетова
Comments