top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Недела на романскиот филм во Кинотеката

02.10.2024 Oktomvri Sreda

Од 14-18 октомври во Кинотека на Македонија ќе се одржи „Недела на романски филм“, во чии рамки ќе бидат прикажани три играни и два документарни филмови.

Романската кинематографија доживеа вистински подем во последните две децении, со таканаречениот „нов романски бран“ како водечко движење кое внесе свежина и оригиналност на европската филмска сцена и филмови кои се карактеризираат со минималистички пристап, документарен стил, социјално-политички теми и силна критика на посткомунистичкото општество. Режисерите како Кристи Пују, Кристиан Мунџиу, Корнелиу Порумбоју и Раду Жуде успеаја да ја постават Романија на мапата на светската кинематографија преку своите реалистични и интензивни филмови.

Новиот романски филм не само што ја отвори вратата за нови таленти во Романија, туку и остави траен впечаток на светската сцена. Филмовите добиваат признанија на најголемите светски фестивали, како Кан и Берлин, а режисерите стануваат почитувани автори надвор од границите на нивната земја. Овој своевиден филмски бран претставува пример за тоа како една мала, но посветена филмска индустрија може да го освои светот преку силни приказни и уникатен визуелен јазик.

Циклусот на романски филмови за 2024 година во Кинотека на Македонија ги претставува најновите достигнувања на романската кинематографија, нагласувајќи ја нејзината креативна разновидност и актуелните општествени теми. Со избор на интензивни и инспиративни наслови, овој циклус поттикнува важни разговори и овозможува длабинско запознавање со романската култура и проблематика. Очекуваме нови возбудливи проекти во иднина и продолжување на оваа значајна кинематографска размена.

Селектор на програмата: Бојан Станишиќ, Уредник на филмската програма при Кинотека

14 ОКТОМВРИ (ПOНЕДЕЛНИК) 20:00 ч.

РЕВИЈА НА РОМАНСКИ ФИЛМОВИ

ДЕТЕ ОД ВОЈНА

(Warboy)

Игран филм, Романија

2023, 85 мин., колор, ДЦП

Режија: Мариан Кришан (Marian Crisan)

Сценарио: Мариан Кришан (Marian Crisan)

Улоги: Даниел Балис, Реџиналд Амонс, Едуард Адам (Daniel Bâlis, Reginald Ammons, Eduard Adam)

Романија 1944-та. Втората светска војна е при крај. Тинејџерот Нику е многу приврзан за двата коња на неговото семејство. Осиромашената романска армија планира да ги заплени имотите на цивилите за да го обезбеди својот опстанок за време на војната. Двата коња може да бидат одземени. Тоа го принудува Нику да започне опаснo патување во планините за да ги спаси.

Мариан Кришан е еминентнен романски синеаст познат по филмовите МОРГЕН (2010), РОКЕР (2012), ХОРИЗОНТ (2015) и КАМПАЊАТА (2020). ДЕТЕ ОД ВОЈНА е нетипична мешавина од жанрови како историски и воен филм, вестерн, но и детска авантура.

Самиот режисер ќе изјави дека бил инспириран од приказните на неговиот дедо за тинејџерските воени денови кога се грижел за коњите на еден богат сосед. Ова е воен филм кој се интересира за обичните луѓе – без големи војнички херојства и ровови.

15 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК) 20:00 ч.

РЕВИЈА НА РОМАНСКИ ФИЛМОВИ

МЕЃУ РЕВОЛУЦИИТЕ

(Intre revolutii / Between Revolutions)

Документарен филм, Романија

2023, 85 мин., колор, ДЦП

Режија: Влад Петри (Vlad Petri)

Сценарио: Лавиниа Бранисте, Влад Петри (Lavinia Braniste, Vlad Petri)

Улоги: Илинка Харнут, Викториа Стоичиу (Ilinca Harnut, Victoria Stoiciu)

Во 1970-тите, иранска студентка по име Захра се среќава со колешката Марија на Универзитетот во Букурешт. Двете студираат медицина и развиваат длабоко пријателство и восхит една кон друга. Кога избувнува Иранската револуција во 1979 година, Захра се враќа во Иран, трогната од надежта за политичка трансформација, иако брзо следат разочарувања. Захра никогаш не сe враќа во Романија. Во текот на следните децении, Захра и Марија разменуваат писма за протестите, општите потреси во двете земји, угнетувањето на жените и како тоа влијае на нив; ниту Романија не треба да остане недопрена од револуцијата.

Разделени со револуциите, нивната кореспонденција прикажува две жени кои се борат да се усогласат со општествените стереотипи и се борат со нивните длабоки чувства една за друга, кои се протегаат надвор од едноставното пријателство. Во својот филм, Влад Петри целосно се потпира на неверојатни, зачудувачки монтирани архивски снимки од Иран и Романија за да ја раскаже приказната за овие две жени на таков начин што границите помеѓу документарецот и фикцијата се заматуваат. Длабоката врска помеѓу овие две жени се користи за да се истражи празното ветување за револуција во имагинативниот, високо ефективен документ-хибрид.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

16 ОКТОМВРИ (СРЕДА) 20:00 ч.

РЕВИЈА НА РОМАНСКИ ФИЛМОВИ

МАМАЛИЈА

(Mammalia)

Игран филм, Романија /Полска / Германија

2023, 88 мин., колор, ДЦП

Режија: Себастијан Михаилеску (Sebastian Mihăilescu)

Сценарио: Андреј Епуре, Себастиан Михаилеску (Andrei Epure, Sebastian Mihăilescu)

Улоги: Иштван Теглаш, Малина Мановиќи, Дениса Николае (István Téglás, Mãlina Manovici, Denisa Nicolae)

Триесет и деветгодишниот Камил е проблематичен млад човек. Тој се чувствува несигурно со жените околу него, особено со неговата партнерка. Една ноќ се буди без пенис. Кошмарот продолжува кога и неговата партнерка исчезнува по средбата со нејзин поранешен љубовник и се придружува на тајна комуна во природа, покрај езеро, посветена на плодноста. Не сакајќи да се помири со губењето контрола, неговата работа, неговиот социјален статус, неговата врска – тој тргнува во потрага по неговата партнерка што го наведува да ја доведе во прашање основата на неговиот идентитет како маж. Облечен во женска облека, се придужува на бизарниот и вознемирувачки свет на комуната. Она што ќе го открие таму ќе се покаже уште повознемирувачко од неговите неодамнешни несреќи, со трагично-комичен пресврт на улогите кој нè наведува да се сомневаме во сè.

МАМАЛИА е морничава и отуѓена комедија за родовите улоги, и во надреалистички стилМихаилеску работи со слободни асоцијации, некои од нив толку смешни и вознемирувачки што ги доведуваат во прашање идентитетот и мажественоста, а како што продолжуваат сè понепредвидливите настани, гледачите може да се збунат од тоа колку приказнатабрутално се спротивставува на нивните ставови за тоа што се очекува од еден маж во општеството.

Филмот е снимен на 16 милиметарска филмска лента од Барбу Балашоу, со статични кадри и многу мизансценски движења во кадарот, а користењето на просторот е секогаш многу експресивно. Само неколку од главните ликови се играат од професионални актери. Сите останати се натуршчици и допринесуваат на натурализмот на екпресивноста на филмот. Некои критичари хуморот на Михаилеску го споредуваат со тој на Рој Андерсон но и со оној на Ежен Јонеско и Театарот на апсурдот.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

17 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК) 20:00 ч.

РЕВИЈА НА РОМАНСКИ ФИЛМОВИ

АРСЕНИЕ. НЕВЕРОЈАТНИОТ ЗАДГРОБЕН ЖИВОТ

(Arsenie. Viața de apoi / Arsenie. An Amazing Afterlife)

Документарен филм, Романија

2023, 96 мин., колор, ДЦП

Режија: Александру Соломон (Alexandru Solomon)

Сценарио: Александру Соломон (Alexandru Solomon)

Арсение Бока е свештеник, теолог и мистик прогонуван од комунистичкиот режим, кој живеел од 1910 до 1989 годинa. Неговиот поглед ги хипнотизира масите и многумина го сметаат за светец. Бока станува многу профитабилен бренд и е на пат да биде прогласен за светец од страна на Романската православна црква.

Следејќи ги стапките на отец Арсение, тргнуваме на измислен аџилак што нè води – со хумор и фантазија – низ нашата сегашна конфузија и глобални стравови. Следува патување со автобус што застанува на различни места што се појавувале во животот на овој „речиси“ светец. За време на патувањето „аџиите“ зборуваат за тоа што значи Бока за нив. Читаат извадоци од досието што романската тајна служба го правела за монахот во текот на децении и прикажуваат сцени од неговиот живот. Од овој спој на фикција и факти произлегува слика на еден лик кој е далеку од светец (и покрај тоа, верниците во групата остануваат непоколебливи од фактите) и е погодна за експлоатација, како комерцијална така и политичка.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

18 ОКТОМВРИ (ПЕТОК) 20:00 ч.

РЕВИЈА НА РОМАНСКИ ФИЛМОВИ

НЕ ОЧЕКУВАЈ ПРЕМНОГУ ОД КРАЈОТ НА СВЕТОТ

(Nu astepta prea mult de la sfârsitul lumii / Do Not Expect Too Much from the End of the World)

Игран филм, Романија / Хрватска / Франција / Луксембург

2023, 143 мин., колор, ДЦП

Режија: Раду Јуде (Radu Jude)

Сценарио: Раду Јуде (Radu Jude)

Улоги: Илинка Манолаче, Овидиу Пиршан, Нина Хос (Ilinca Manolache, Ovidiu Pîrsan, Nina Hoss)

НЕ ОЧЕКУВАЈ ПРЕМНОГУ ОД КРАЈОТ НА СВЕТОТ е црна комедија од 2023 година, по сценарио и во режија на Раду Јуде, еден од најпознатите и најуспешни современи романски режисери, добитник на повеќе награди по најголемите светски фестивали. Познат е по филмовите АФЕРИМ!, НЕСРЕЌНО ДУПЕЊЕ ИЛИ ЛУДО ПОРНО (Babardeală cu bucluc sau porno balamuc), и СИТЕ ВО НАШАТА ФАМИЛИЈА (Toata lumea din familia noastra).

Филмот е необична мешавина од филм есеј, црна комедија, сатира (на современиот живот и еконoмија во Романија), но во суштина е патувачки филм, road movie. Ангела, преморена и недоволно платена асистентка на продукција, вози низ Букурешт за да го снима кастингот за видеото за безбедност на работното место нарачано од една мултинационална компанија. Но, за разлика од конвециите на „роуд“ жанрот, нејзиното патување нема дестинација. Таа ја убива досадата со тоа што честопати запира да постира видеа на ТикТок и Фејс Ап. Досадната идила се нарушува кога еден од нејзините интервјуирани ќе даде изјава што предизвикува скандал и таа е принудена повторно да ја измисли целата приказна.

Во филмот се користат архивски снимки од филмот на Лусијан Брату од 1981 година АНГЕЛА ПРОДОЛЖУВА ПОНАТАМУ (Angela merge mai departe), кој раскажува за една таксистка во Букурешт. Не случајно така се вика и главниот лик на филмот на Јуде. Денешната Ангела посетува многу од локациите користени во филмот од 1981 година.

НЕ ОЧЕКУВАЈ ПРЕМНОГУ ОД КРАЈОТ НА СВЕТОТ ја имаше својата премиера на главната конкуренција на Филмскиот фестивал во Локарно во 2023 година каде што доби признание од критиката и Специјалната награда на жирито и беше избран за романски претставник во категоријата за најдобар меѓународен долгометражен филм за 96-тото доделување на Оскарите.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари


0 views

Commentaires


bottom of page