Недев: Нема лесни противници
Updated: Nov 16, 2021
15.11.2021 Noemvri Ponedelnik
ШАХ – ЕВРОПСКО ЕКИПНО ПРВЕНСТВО
По две кола на 23. екипно Европско првенство (ЕП), кое во девет кола се одржува во Терме Чатеж (Словенија), македонските шахисти со два пораза (два поена по табли) се на 36-то место во конкуренција на 39 селекции, а шахистките се на 23-то место со еден (службено) освоен бод (3,5 поени по табли), меѓу 31 репрезентација. Во вчерашното, трето коло шахистите играа со втората селекција на Словенија (рангирана 34-та пред ЕП), а ист противник добија и македонските шахистки. – Уште сме на почетокот и очекувам допрва и од двете наши репрезентации да влезат во подобра форма, иако и засега сум задоволен од борбеноста во партиите и на двете селекции, а тоа е најважно. Тука нема лесни противници и секое коло е борба за што подобар резултат, а за младите играчи одлична шанса да стекнат искуство со силни противници и подобрување на личните рејтинзи. Атмосферата во репрезентациите е оптимистичка и сите се подготвени да го дадат максимумот до крајот на ЕП – вели селекторот и на двете македонски репрезентации, ВМ Трајко Недев.
И покрај двата пораза на македонската машка селекција, од објективно посилните Хрватска и Шведска (со по 1-3), засега радува ремито на дебитантот Филип Михов (рејтинг 2.255), против ИМ од Шведска Јунг Сео (2.455), кој е 35 места повисокорангиран, како и на Ивана Манова (1.809), која во второто коло ја забележа единствена победа, над многу поискусната и 64 места подоброрангирана шахистка на Италија, ЖИМ Даниела Мовилеану (2.214), со што доби и нови 18,4 рејтинг-поени. Со храбра игра на челната табла, половина поен освои и ЖФМ Моника Стојковска (2.066), против силната ИМ Маринела Брунело (2.359), која има речиси 300 поени поголем рејтинг. Стојковска и Филип Панчевски, секако, ќе го понесат и најголемиот товар играјќи на првите табли. Цел поен во 1. коло освои и ИМ Никола Николовски (2.401) против повисокорангираниот ВМ од Хрватска Марин Босиочиќ (2.545).
– Партијата ја почнав со малку трема и голема возбуда, оти ми беше прва на ЕП. Не чувствував притисок за крајниот исход на мечот, оти објективно екипно бевме послаби од Италија. Индивидуално, сепак, успеавме да освоиме 1,5 поен, што е значителен успех, иако имавме шанси и за повеќе. Успеав да ја контролирам мојата позиција без превид или некаква позициска грешка, а ја искористив грешката што ја направи мојата противничка. Во следните кола ќе се потрудам да продолжам да играм храбро, а секое поединечно рангирање над почетното, за мене ќе претставува голем успех – вели Манова. Македонската машка и женска шаховска репрезентација, секако, се меѓу најмладите на екипното Европско првенство во Словенија. Просечната возраст на шахистите е 23 години, а на шахистките е 28. Во македонскиот табор, најмлад е Емил Ристески со 17 години, а во женскиот Ивана Манова (20). На ЕП за шахисти се пријавени 39 репрезентации, а кај шахистките 31 држава. Русија (мажи и жени), која ќе го брани златото, е рангирана на првото место и засега во двете конкуренции забележа по две победи.
Comments