top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Неверојатна симбиоза помеѓу „Франк Дупре трио“ и публиката на Охридско лето

Вечер што долго ќе се памети на Охридско лето приредија членовите на германското „Франк Дупре трио“, пијанистот Франк Дупре, Јакоб Круп на контрабас и Оби Јене на тапани. Полни со љубопитност и виртуозност, со леснотија и изразена емпатија, тројцата меѓународно познати уметници од триото на Франк Дупре вчеравечер лесно ги надминаа наводните жанровски граници спојувајќи ја класичната музика со џезот. Франк Дупре е музичар со бескраен хоризонт, градител на мост помеѓу класичната музика и џезот, и затоа е еден од најперспективните исклучителни уметници на својата генерација. Уште од многу мала возраст Франк Дупре се интересирал за музика од многу стилови и жанрови и ја гледал од разни агли: како џез-тапанар, класичен пијанист со голем интерес за модерната музика и последно, но не и најмалку важно, како диригент. Тој се посветил на класичниот репертоар за пијано и ја оформил својата меѓународна кариера како концертен пијанист. „Почувствувавме неверојатна енергија од публиката, која во текот на концертот танцуваше, па дури и некои потпевнуваа на мелодијата што ја свиревме. Моќта на миксот на класика и џез овозможи публиката да биде дел од перформансот и почувствувавме колку всушност им се допадна. Интересно е тоа што минатото лето настапував во оваа неверојатна црква, а оваа година имавме шанса да настапиме во предворјето и заедно со публиката да бидеме под отворено небо. Публиката беше превозбудена, особено кога го свиревме ‘Мамбо од Леонард Бернштајн“, вели пијанистот Дупре. Франк Дупре и тапанарот Мајнхард (Оби) Јене со голем успех работат заедно на многубројни проекти уште од 2009 година. Од 2020 година високоталентираниот контрабасист Јакоб Круп го комплетира ансамблот. Тројцата музичари го привлекуваат меѓународното внимание во јануари 2022 година со нивниот деби-албум Blueprint (Capriccio), посветен на композиторот Николај Капустин. Албумот ги надминува сите очекувања и влезе во листата на „Њујорк тајмс“ за пет препорачани албуми на месецот. На албумот Salted Caramel (Berlin Classics), кој исто така беше издаден во 2022 година, триото заедно со трубачот Симон Хофеле и квартетот „Голдмунд“ ги комбинира класичните дела со џез-стандардите. Ангажманите во Филхармонијата „Елб“ во Хамбург, на Џез-фестивалот во Бон, на фестивалот „Курт-Веил“ во Десау, концертните турнеи во Швајцарија и Лихтенштајн, како и проектите со оркестри, како што е Штутгартската филхармонија, сведочат за меѓународниот интерес за проектите на „Триото“ на Франк Дупре. Репертоарот опфаќа музички дијапазон од Бах до Бетовен, Дебиси, Равел, па сѐ до песните на Курт Веил и Леонард Бернштајн. Џез-стандардите на музичките икони, како што е Дјук Елингтон, се исто така на репертоарот на триото како и виртуозните и повеќеслојни дела на Николај Капустин.


1 view

Comments


bottom of page