Не можат да се добројат песните што ја опеваат Македонија
По повод 30 години независност
Нема празник, свеченост или веселба кај нас, но и насекаде во светот каде што живеат Македонци, да не се запее песна за Македонија. Така ќе биде и в среда, на 8 септември, кога ќе одбележиме 30 години независност. И тогаш Македонците, каде и да се, ќе ги запеат „Македонско девојче“, „За многу години, Македонци“, „Ој, Вардаре македонски“, „Каде сте, Македончиња“, „Земјо македонска“, „Едно име имаме“, „Велат нѐ нема“… Не можат да се добројат песните што ја опеваат Македонија, бидејќи нашиот народ со векови ја искажувал љубовта кон татковината пеејќи песни за неа. „Земјо македонска“, чиј комплетен автор е легендарната Васка Илиева, според многумина, е неофицијална химна, со која се идентификуваат илјадници Македонци во целиот свет. Песната е дел и од репертоарот на познатата пејачка Сузана Спасовска, за која токму Илиева рече дека е нејзина наследничка. – Немаше концерт тетка Васка да не ја испее оваа антологиска песна. Паметам на една средба со нашинците во Мелбурн, Австралија, кога таа ја запеа „Земјо македонска“, сите до еден станаа и пееја со неа. Имаше повеќе до 10.000 луѓе. За Македонците, каде и да се, оваа песна е како химна. И јас ја пеам на концертите, а сум ја исполнила и пред публика од 20.000 гледачи. Патриотските песни му се потребни на секој народ, зашто татковината треба и мора да се сака, а ние Македонците, каде и да сме, својата љубов најискрено и најсплотено ја искажуваме со песна – вели Спасовска. Гордите рефрени на „Земјо македонска“ досега ги отпеале и Симеон Гугуловски, Душко Георгиевски, Владо Јаневски, Елена Андоновска… Спасовска на својот репертоар има многу патриотски песни („И ние сме деца на Македонија“, „Осум бигори на Македонија“, „Наша татковино“, „Стани, Македонијо“, „Мојата земја“, „Таму долу крај Белото Море“…), а пред неколку години издаде и цеде „Македонија рајот“, со десет песни за татковината.
Аманет-песни со кои се идентификува македонскиот народ
Нема Македонец што не ги запеал „Македонско девојче“, „Ој, Вардаре македонски“, „Едно име имаме“, „Љубов голема“, „Песна ви пеам, Македонци“, „Запеј песна, Македонијо“… Тоа се аманет-песни со кои и денес се идентификува македонскиот народ, расеан по светот, а со својот прекрасен глас ги овековечи Виолета Томовска. – Моите песни се подарок и порака за публиката. Но ниеден мој концерт не можеше да се замисли без песните на Јонче Христовски „Ој, Вардаре македонски“ и „Едно име имаме“. Сепак, најпозната од сите е „Македонско девојче“. Снимена е на повеќе странски јазици, а ја изведувале и познати светски хорови. Премиерно ја слушнавме на првиот роденден на ќерка ми Невенка, во 1967 година, кога Јонче рече: „Оваа песна им ја подарувам на Невенка и на сите македонски девојчиња“ – се сеќава Томовска. „Каде сте, Македончиња“, песна што Бранко Ѓорѓиевски ја создаде во далечната 1985 г. стана химна на децата бегалци. Тој од 1981 г. живее во Перт, Австралија. – Во Аделаид, каде што живеев извесно време, има многу Македонци, пребегани од Егејска Македонија, и во секојдневното дружење со нив ги запознав и нивните судбини, кои емотивно ме заробија. Не беше тешко тоа да се претвори во збор и песна. Драго ми е што токму со „Каде сте, Македончиња“ се скрши мразот за таканаречените „националистички песни“ кај нас, како што ги нарекуваа, а всушност се само патриотски рефрени за Македонија во етничките граници – рече Ѓорѓиевски во една пригода.
Во последните неколку години песната „Велат нѐ нема“, која ја испеа Влатко Миладиновски, се слуша насекаде каде што има Македонци. Особено е популарна во дијаспората, каде што е масовно прифатена и се пее на сите големи собири и средби. Оваа патриотска песна, чии автори се Тоде Новачески, кој се погрижи за музиката, текстот го напиша Крсте Наумовски, а аранжманот е на Златко Миладиноски, брзо го најде патот до слушателите. – Песната е напишана за Македонците во Егејска Македонија, но се однесува на нашинците што се расеани насекаде низ светот. Сите зборови што се кажани во неа се искрени, и јас, со сето срце и душа, стојам зад нив. Пресреќен сум што песната е инспирација и поддршка за сѐ што на луѓето откорнати од татковината им значи Македонија – вели Влатко Миладиновски. Меѓу новите патриотски рефрени е и оној на триото „Кладенец“, насловен „Мајко земјо, не плачи“, автор на музиката и на аранжманот е Јован Василевски, а текстот е на Сашо Костадиновски.
Дадо Топиќ ни подари песна за навек
Меѓу многуте песни создадени за нашата земја, една сосема го прегази времето. Тоа е „Македонија“, која ја напиша познатиот хрватски рок-музичар Дадо Топиќ, во далечната 1973 година. Тој и денес ја изведува на сите свои концерти низ Балканот, а кај нас е прифатена од сите генерации. Нејзина верзија на македонски јазик сними групата „Меморија“. – Уште кога ќе ги слушнат првите тактови на „Македонија“, сите веднаш почнуваат да пеат од Вардар до Триглав. Инспирација да ја напишам песната ми беше прекрасниот македонски мелос. Се вљубив во неговата емотивност и суптилност, а најмногу ме плени ритамот. Сета таа убавина со години тлееше во мене и како лавина од емоции таа 1973 година текстот и музиката излегоа од мене како експлозија – открива Дадо Топиќ. Од малку понов датум е песната „На пат до Македонија“, која ја испеа Калиопи во 2000 година, веднаш по нејзиното враќање од Швајцарија, каде што живееше повеќе години. – Главна инспирација ми беше неединството на мојот народ, во моменти што се судбоносни за оваа наша прекрасна земја. Желбата да се поттикне секој нејзин жител, без оглед на неговата национална припадност и религија, и сите да се обединат со една иста љубов. Тоа чувство ме натера сѐ да преточам во музика и стих и така се роди „На пат до Македонија“ – вели Калиопи. Во 2001 година, Тоше Проески заедно со целата македонска естрада ја испеа „Пеј, Македонијо“, а наши познати пејачи ја снимија и „Горе глава, Македонијо“, посветена на бранителите. Групата „Куку леле“ во својот репертоар ја има „Да си жива и здрава, Македонијо“, а Александра Пилева ја испеа „Песна за Македонија“. Во чест на 20 години независност, повеќе македонски пејачи ја снимија „Под ова знаме“.
コメント