top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Не дозволувам нeшто или некој да влијае врз мене

ФУДБАЛ – ЏАНЛУИЏИ ДОНАРУМА, ГОЛМАН НА ПСЖ И НА ИТАЛИЈА

Џанлуиџи Донарума, голманот на францускиот Пари сен Жермен (ПСЖ) и на италијанската фудбалска репрезентација, во ексклузивно интервју за британскиот весник „Телеграф“ говори за осминафиналниот дуел во Лигата на шампионите против Реал Мадрид, за приклучувањето на францускиот гигант и за тоа како е кога ќе се соочиш со Лионел Меси, Нејмар и со Килијан Мбапе на тренинг, за „бестрашниот“ став и зошто не го наследил својот татко Алфонсо и не станал столар. – Бев катастрофа! Постојано му помагав, но по десет минути ме бркаше. Всушност, татко ми беше посреќен кога не му помагав, тоа едноставно не беше за мене – вели Донарума смеејќи се. Наместо тоа, Донарума имаше други вештини со рацете. Тоа беше фудбалот, и секогаш сакаше да биде голман. – Сѐ почна со мојот вујко (Енрико Алфано) кога бев многу мал, потоа брат ми (Антонио) беше голман, потоа беше мојот ментор, јас го нарекувам ментор наместо тренер на голмани, Ернесто Фераро. Благодарение на него сум таму каде што сум денес, бидејќи тој секогаш веруваше во мене. Ме натера да тренирам секој ден, по цел ден – вели Донарума. Дали голманите се различни? – Малку е поинаку, бидејќи единственото нешто што е зад голманот е празната мрежа, така што секогаш треба да се биде фокусиран, дури и кога твојот тим ја има топката и напаѓа. Секогаш треба да се трудиш да разбереш што може да се случи и тоа одзема огромно количество од менталната енергија. Тоа е навистина комплицирана задача и бара огромна посветеност – вели тој. Тој менталитет, како што вели, е еден од неговите клучни атрибути, точка што беше подвлечена кога беше повикан во селекцијата на Италија до 17 години, на возраст од само 15 години. Пред натпреварот било забележано дека има пулс од 40 отчукувања во минута. Шансата не го вознемирила. Донарума има еден посебен збор за да го опише пристапот кон фудбалот. – Бестрашен. Не дозволувам нешто или некој да влијае врз мене. Целосно сум фокусиран на играта. Не ни размислувам со кого играме. Тоа е она што значи бестрашен – вели Донарума. Таквиот став значеше дека кариерата на Донарума ќе оди напред. Во академијата на Наполи, во родната Кастеламаре ди Стаблија, блиску до Помпеја, тој брзо беше посочен како играч што може да го достигне врвот, не само поради височината. На 11 години тој беше висок повеќе од 1,80 метар, поради што неговата мајка Марија го носела со себе изводот од матичната книга на родените за да ги разубеди тие што се сомневаат. На 13 години му се приклучи на Милан, а на 16 години дебитира во Серија А. Една година подоцна дебитира и за Италија, а до 22-та година беше прогласен за најдобар во светот и се очекуваше да стане првиот голман по Лев Јашин што ја освоил „златната топка“. Донарума ќе наполни 23 години на 25 февруари. – Отсекогаш сум бил зрел, не само затоа што морав да пораснам многу брзо откако рано заминав од дома. Мојата цел е да победувам што е можно повеќе – објаснува тој. Тој ги посочува клучните влијателни луѓе за него. Го носи дресот со бројот 50, во знак на почит кон неговиот брат, девет години постар од него, кој го носел дресот на Милан. Исто така го почитува и Џанлуиџи Буфон, поранешниот голман на ПСЖ, чиј совет го бараше пред да се пресели во Париз. – Тој секогаш ми зборуваше пофално за клубот, за неговата историја, за Париз како град, и сето тоа, се разбира, ми го олесни изборот – вели тој. Па, како беше да се наследи Буфон? – Беше навистина тешко. Џиџи е идол за мене, тој беше најдобриот голман во светот, испиша страница за историјата на фудбалот. Но и тој ме цени, знае дека можам да направам големи работи – вели Донарума. Минатото лето Донарума беше клучен за триумфот на Италија на Европското првенство (ЕП), прва голема титула откако Буфон го освои Светското првенство во 2006 година.

Меси, Мбапе и Нејмар се врвни играчи што оставаат силен впечаток

На крајот од минатата сезона Џанлуиџи Донарума му се приклучи на ПСЖ, иако тие веќе имаа голман од светска класа во Кејлор Навас. Тој инсистира дека нема „ривалство“ меѓу нив, туку само „добра конкуренција“. Во тој тим се Лионел Меси, Килијан Мбапе и Нејмар. Како е кога ќе се соочите со нив на тренинг? – Тоа се врвни играчи што оставаат силен впечаток. Сега тренирам со нив и се трудам максимално да им отежнам да постигнат гол. Очигледно луѓето имаат големи очекувања од нас. Но добро се справуваме со тој притисок, знаеме дека можеме да направиме големи работи, мирни сме, работиме добро и напорно и можно е да ја освоиме Лигата на шампионите – вели Донарума.

Имам уште многу да направам, можам уште многу да се подобрувам

Какво е чувството да се победи на европско првенство? – Огромна среќа. Во тешките моменти се обединуваме, заедно се бориме, знаеме што значи да се жртвуваш за тимот, а сето тоа значеше дека нашиот сон за освојување на првенството стана реалност. Тоа тешко се опишува со зборови – вели Џанлуиџи Донарума. Италија победи на пенали, но Донарума остана смирено да стои на голот. Причината е едноставна. – Не знаев дали тој пенал (на Букајо Сака) е последен. Гледав кон судијата, да видам дали одбраната на пеналот е во ред, бидејќи со нозете треба да сме на гол-линијата. Само се обидував да сфатам дали сѐ е во ред и потоа кога ги видов соиграчите како трчаат кон мене, експлодирав од радост. Отсекогаш ми било сон да станам најдобар голман на светот. Потешката работа е сега да се одржи тоа ниво, но за мене ова е почетната точка. Имам уште многу да направам, можам уште многу да се подобрувам – вели Донарума, кој беше прогласен за најдобар играч на турнирот и никогаш не загубил на пенали, односно победил на пет од пет меча.


2 views

Comments


bottom of page