НЕ БЕШЕ ЛЕСНО ДА СЕ ПРЕНЕСАТ МУАБЕТИТЕ НА ЏАРО НА ХАРТИЈА, РЕЧЕ МИЛИЦА ЏАРОВСКА НА ПРОМОЦИЈАТА НА КН
29.05.2023 Maj Ponedelnik
Не беше лесно да се пренесат муабетите на Џаро на хартија, рече новинарката Милица Џаровска на промоцијата на нејзината книга „Џаро – живот на коцка“ што ја напиша за возбудливиот живот на менаџерот Велибор Џаровски-Џаро, нејзиниот татко. Книгата е преведена на македонски јазик во издание на издавачкиот центар „Три“. Напишана е уште пред шест години, но на српски јазик.
„Мене ми е жал што младиве генерации за Џаро го знаат само по превари и местење утакмици. Не ќе да е така, дечки. Овој човек има направено за оваа држава повеќе од многу политичари. Без разлика на сите прикаски што ќе ги прочитате во книгата. Ги донел најголемите балкански ѕвезди, да ја засакаат Македонија толку многу што до ден денес не ја испуштаат во своите интервјуа, муабети, без разлика дали е Здравко Чолиќ, Бора Чорба, Тереза Кесовија, Мишо Ковач“, рече промоторот, актерот Игор Џамбазов.
Џаровска вели дека во книгата се раскажани настани како првата „местенка“, која се случила во семејната куќа во скопската населба Ѓорче Петров каде што живеати денес, и необичната, но успешна соработка со најголемите музички и спортски ѕвезди од поранешна Југославија.
Џамбазов сподели дел од анегдотите од 40-годишното другарство со Џаро. (Фото: К. Попов)
„’Живот на коцка’ ме излечи затоа што ја пишував во време кога се затвори весникот ‘Вест’ во 2016. Одеднаш, после 16 години немав што да правам и среќа што бев зафатена со оваа книга. Не беше лесно да се пренесат муабетите на Џаро на хартија, знае да биде конфузен, да спомне една година на почетокот од приказната, да заврши со друга. Јас немам начин тоа да го проверам затоа што Гугл ги нема податоците за сите тие домови на култура од 1970-те и 1980-те. Па требаше да го препрашувам по неколку пати и знаевме да се скараме, па мајка ми ќе ја прекратеше таа кавга. Она што е најважно е што си реков себеси дека ќе пишувам за еден од моите соговорници, а не за мојот татко, за да ја завршам полесно работата. Не се однесува насловот само на таа коцка која му е пријател цело време, туку на целиот негов бурен живот и неизвесен, кој и сега со неговите 74 години се труди да го негува колку што може. Јас се надевам дека ќе продолжи и понатаму, затоа што поинаку дома ние не сме научени. И ќе ни биде забавно“, рече Џаровска, додавајќи дека има материјал и за продолжение на книгата.
Промоцијата продолжи во весела атмосфера со анегдотите на Џаро од бурниот живот.
Книгата се продава во сите книжарници на „Три“ низ Македонија.
Comments