top of page

Најзначајниот жив јапонски поет – Шантаро Таникава добитник на „Златен венец“ на СВП за 2022 година

21.03.2022 Mart Ponedelnik

Поезијата на Таникава (роден во Токио, во 1931 година, како единствен син на филозофот Тецузо Таникава), суверено патува не само низ возбудливите „води“ на јазикот туку и во низата креативни преобразби во музиката, филмот, сликата или калиграфското писмо. Toj е најпродуктивниот, најчитаниот, највлијателниот и најиновативниот поет од Јапонија, чии дела се преведени на многу јазици во светот. Неговото име се споменува како еден од можните кандидати за добитник на Нобеловата награда за литература

„Дали само јас чувствувам некаква самотија штом добијам награда или одликување? Невообичаено е чувството да се биде избран од мноштвото поети и заедно со радоста и гордоста што ги чувствувам бидејќи сум избран за добитник, се чувствувам и уважено меѓу моите колеги поети. Но, кога се присетувам на покојниот Макото Оока, мој близок пријател и добитникот на ‘Златен венец’ во 1996 година, самотијата ми исчезнува и неа ја заменува љубовта кон моите колеги поети и кон оние што копнеат да станат поети, и иако живееме во различни времиња, во различни околности и со различни мајчини јазици во оваа немирна доба на нашата ранлива Земја, оваа љубов постојано расте…“, вели во поздравното обраќање до македонската јавност Шантаро Таникава, по повод наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата (СВП) за 2022 година.

Таникава (роден во Токио, во 1931 година, како единствен син на филозофот Тецузо Таникава) е најзначајниот жив јапонски поет, чија поезија суверено патува не само низ возбудливите „води“ на јазикот туку и во низата креативни преобразби во музиката, филмот, сликата или калиграфското писмо. Toj е најпродуктивниот, најчитаниот, највлијателниот и најиновативниот поет од Јапонија, чии дела се преведени на многу јазици во светот. Неговото име се споменува и како еден од можните кандидати за добитник на Нобеловата награда за литература. Поезијата на Шунтаро е првично приопштена на македонски јазик благодарение на поетскиот избор „Дребoлии“, објавен во едицијата „Плејади“ на Струшките вечери на поезијата, во 2005 година, во препев на Зоран Анчевски.

Во образложението на одлуката, проф. д-р Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на СВП, посочи: „Лапидарната релјефност на неговиот глас и кондензираноста на мигот, наспроти наративноста на стихот, е темелна црта, што го одвојува Шунтаро од поетичките тенденции на Западот. Од друга страна, тивката градба на неговите стихови, обликувана на таков начин, што модерноста дејствува небаре е традиционална, е клучната одлика, според која оваа лирика (на Шунтаро) се издвојува како особена, меѓу повеќето поети, со потекло од далечниот Исток. Шунтаро ја гради својатa поетика, препуштајќи ѝ се на гравитацијата на метафизичното, длабоко расекувајќи го емпириското ткиво на јазикот. Тој од јазикот за поезија ја гради поезијата на јазикот“.

Таникава е автор на 80 поетски збирки, за кои има добиено бројни книжевни признанија, не само во Јапонија туку и во странство. Неговите песни се појавуваат не само во угледни книжевни списанија туку и во школските учебници и мас-медиумите. Шунтаро се јавува и како автор на драмски текстови, филмски сценарија, плоден есеист, преведувач, автор е на литература за деца… Добитник е на низа престижни награди, меѓу кои: „Јомиури“ во 1983 г, „Ханацубаки“ во 1985 г, „Такаши Саида“ во 1987 г, „Шогакукан“ во 1988 г, наградата „American Book Award“ во 1989 г, наградата за модерна поезија „Јутака Маријама“ во 1991 г., „Сакутаро Хагивара“ во 1983 г., „Асахи“ во 1996 г., „Саксава“ во 1998 година, наградата „Динг Јун“ во Кина во 2005 г., наградата на Монголското здружение на писатели во 2008 г., „Нобуо Ајукава“ во 2010 г., меѓународната поетска награда „Жонгкун“ во 2011 г., „Тацуџи Мијоши“ во 2016 г., наградата на фондацијата „Јапонија“ во 2019 година…

Наградата „Златен венец“ на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинашното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 24 до 29 август. Одлуката беше соопштена на свечениот настан во Македонската академија на науките и уметностите, каде што беше одбележан и Светскиот ден на поезијата (21 март), со поетско читање во кое учествуваа истакнати поети членови на Македонскиот ПЕН-центар и на Друштвото на писателите на Македонија.

За Џерардо Мазучо наградата „Мостови на Струга“

Наградата „Мостови на Струга“, востановена во 2004 година, ја доби италијанскиот поет Џерардо Мазучо (1991). Наградата се доделува за најдобра дебитантска поетска збирка од млад автор (под 35 години), а ја доделуваат Струшките вечери на поезијата во соработка со УНЕСКO.

Откако ги завршил класичните студии, Мазучо се преселил во Милано во 2010 година, каде што дипломирал авторски права, а потоа и издаваштво на Универзитетот во Бокони. Во 2020 г., ја основал и издавачката куќа „Утопија“, која е насочена кон книжевна фикција, поезија и белетристика. Книгата за која ја добива наградата „Мостови на Струга“ е стихозбирката „Еден човек живеел тука“. Ова е книга со која тој стекнува успех во меѓународни рамки.

„Мазучо е длабоко упатен во тајните на поетската вокација, а тоа најдобро се гледа токму од неговата поезија, која е спој на несомнена дарба и префинета вештина. Се добива чувство дека во неговите песни секој стих е токму на вистинското место. Иако е млад поет, неговата поезија е веќе дел на антологии, списанија, посебни веб-страници, некомерцијални памфлети“, посочи во своето обраќање членот на Управниот одбор на СВП, Владимир Мартиновски. (Д.Т.)



 
 
 

Commentaires


bottom of page