top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Најголемиот диносаурус живеел во Патагонија

Природонаучниот музеј во Лондон се подготвува напролет да ѝ го претстави на јавноста еден од своите најголеми експонати. Колосот што го подготвуваат експертите е мистериозен титаносаурус, суштество толку огромно што скелетот ќе мора да се вметне во галеријата „Вотерхаус“, каде што таванот е висок девет метри.

Едно од најголемите суштества што шетале по Земјата, патаготитан мајорум, било тешко 57 тона. Живеело на територијата позната денес како Патагонија. Неговиот скелет е долг 37 метри и висок пет метри, што го прави значително поголем од најпознатиот диносаурус во музејот, диплодокусот Дипио, кој некогаш се издигнал над главната галерија на музејот.

– Димензиите на ова суштество се извонредни. Дури и кога ќе го видите покрај едно од денешните џиновски животни, како слоновите, тие изгледаат ситни покрај него – вели експертот за диносауруси во музејот, професорот Пол Барет.

Остатоците од патаготитан мајорум беа откриени во 2010 година, кога еден сточар во Патагонија наиде на огромна бутна коска што стрчи од земјата. Аргентинските експерти за фосили подоцна ископале повеќе од 200 скелетни делови од локацијата, остатоци од најмалку шест индивидуални животни. Во палеонтолошкиот музеј „Егидио Феруљо“ во аргентинскиот град Трелев беа направени примероци од пронајдените коски и токму тие ќе го сочинуваат скелетот што ќе биде изложен во Лондон во март.

– Бројот на откриени коски претставува вистинска ризница на материјал. Ова значи дека сега знаеме многу повеќе за овој вид отколку за многу други диносауруси – рече Шинејд Марон, главен куратор на изложбата.

Патаготитан мајорум живеел пред околу 100 милиони години, во доцниот период креда, кон крајот на владеењето на диносаурусите на Земјата. Тој бил еден од трите или четирите најголеми видови титаносауруси што сега ѝ се познати на науката. Градбата на овие суштества наликува на висечки мостови поради огромниот ’рбет и долгиот врат, погодни за собирање храна од дрвјата, и опашката доволно долга за да се обезбеди рамнотежа.

– Тие биле тревопасни животни што голтале растенија и лисја и ги ферментирале во нивните огромни стомаци, произведувајќи огромни количества метан како нуспроизвод. Не би сакале да висите околу задниот дел на едно од овие животни. Всушност, некои луѓе тврдат дека тревопасните диносауруси како овие испуштале толку многу метан што придонеле за ефектот на стаклена градина во тоа време – објаснува Барет.

Кустосот Марон наведува дека, и покрај тоа што овие колосални суштества тежеле повеќе од девет слона, тие првично биле помали од човечко бебе.

– Како дел од изложбата прикажуваме фосилизирано јајце од диносаурус со дијаметар од околу 15 сантиметри, што е помало од фудбалска топка. Од тоа, животното би пораснало до 37 метри во должина – додава таа.

Меѓутоа, неколку мистерии сè уште го опкружуваат видот патаготитан мајорум.

– На многу места можете да најдете остатоци од големи диносауруси, но во Патагонија можете да најдете гигантски, како титаносаурусите. Имаше ли нешто посебно во врска со еколошкиот регион во овој момент, или едноставно досега немавме среќа што не сме нашле остатоци од титаносаурус на друго место? – праша Барет.

Исто така, не е јасно зошто шест животни загинале на речиси исто место.

– Сите биле речиси целосно пораснати и умреле на истото место. Но зошто? Што можело да го предизвика тоа? Не е јасно, иако мистеријата ѝ дава дополнителна димензија на приказната за овие прекрасни животни – вели Марон.

Изложбата „Титаносаурус: Животот на најголемиот диносаурус“ се отвора на 31 март следната година и ќе трае до 7 јануари 2024 година.


0 views

Comentarios


bottom of page