Најголема победа во кариерата: Италијанската гордост го победи Ѓоковиќ во Торино! (Видео)
Новак Ѓоковиќ е тенисер кој пристигна во најдобра форма на завршниот Мастерс во Торино, но ако некој можеше да се споредува со Србинот во последните два месеци кога е ритамот во прашање, тоа дефинитивно е Јаник Синер. Младиот Италијанец го потврди тоа и во меѓусебната пресметка која ја имаа оваа вечер во Торино, а која заврши со голема драма и победа на домашниот тенисер по повеќе од три часа борба. Синер ја оствари најголемата победа во кариерата и по вторпат победи светски рекет број еден, но за првпат најголемиот грен-слем рекордер на сите времиња. Италијанската гордост одигра перфектен меч и го принуди Ноле да игра на највисоко можно ниво, а понесен од огромната поддршка од трибините, Синер имаше сила да ја добие и психолошката војна со најдобриот светски тенисер. Јаник се избори за прва победа во четвртата пресметка со Ноле и ги остави зад себе трите порази, но сатисфакцијата ќе биде уште поголема за него ако се знае дека му го нанесе само шестиот пораз во тековната сезона. Синер го доби првиот сет со направен брејк на самиот крај (7:5), додека во вториот сет двајцата го бранеа својот сервис, но Ноле беше подобар во тајбрејкот со 7:5. Во тие моменти се чинеше дека искусниот Србин ќе има предност во третиот сет, но одлучувачкиот дел започна со брејк на младиот Италијанец, кој Ноле успеа експресно да го врати. На крајот повторно гледавме тајбрејк, но овојпат Синер беше убедлив со 7:2 и ја оствари најголемата победа во својата кариера.
Comments