Највисоката жена на светот за првпат влезе во авион, компанијата отстрани шест седишта
Највисоката жена на светот, Румејса Гелги, неодамна за првпат седна во авион, бидејќи компанијата „Туркиш ерлајнс“ ја приспособи внатрешноста на авионот за таа да може да се смести и удобно да патува. Румејса, по потекло од Турција, на почетокот на годината е запишана во Гинисовата книга на рекорди со висина од 2,15 метри како највисока жена во светот. Таа го држеше и рекордот како највисока тинејџерка. Највисоката жена во светот рече дека „секој недостаток може да се претвори во предност доколку се прифатите себеси онакви какви што сте“. Најчесто се движи во инвалидска количка или со помош на други помагала, а нејзината висина е резултат на Виверовиот синдром, кој меѓу другото предизвикува и брз раст. Румејса никогаш не била во авион бидејќи уште како мала била превисока за да се смести на редовно авионско седиште. Сепак, таа отпатува во Сан Франциско во септември благодарение на турската национална авиокомпанија која отстрани шест седишта и ги замени со специјални носилки за Румејса да може удобно да се смести. По пристигнувањето во Калифорнија, таа на Инстаграм напиша дека патувањето било „беспрекорно од почеток до крај“. „Ова беше мојот прв лет, но секако не последен“ – изјавила таа и им се заблагодарила на сите што ѝ го овозможиле ова патување.
Comentarios