top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Најбараната регионална музичарка Констракта пристигнува на големиот Get EXITed спектакл во Струмица!

Ана Ѓуриќ Констракта, регионалниот феномен кој го восхити и освои целиот свет, на 7 септември пристигнува на спектакуларниот Get EXITed настан во преубавиот струмички Градски парк! И покрај тоа што имаше безброј настапи кои ја воодушевија публиката ширум регионот и даде илјадници изјави и интервјуа, таа и понатаму за многумина е чудо кое тешко може да се објасни. Иако од претходно ѝ беше позната на јавноста како вокалистка во бендот „Земља Грува“, со неверојатна популарност се стекна по минатогодишниот настап на Евросонг. Веќе по полуфиналето на српската Беовизија, целиот регион зборуваше за необичната уметница и нејзиниот невообичаен спој на настап, текст и музика кој постојано се прегледуваше и преслушуваше одново. И така започна „хајпот“ наречен Констракта, кој сѐ уште трае.

Подготовките за заминување во Торино на Евросонг беа проследени со дотогаш невидена еуфорија – Констракта тогаш, иако присутна на сцената веќе 20 години, речиси преку ноќ стана центар на вниманието на регионалните медиуми, главна ѕвезда на социјалните мрежи кои беа преплавени со хитот „In Corpore Sano“, одеднаш сите ја имитираа препознатливата кореографија, а нејзиното „и шта чемо сад“ се најде секаде каде што можеше да се вметне – од парламенти до секојдневен говор. Необичната уметница стана мејнстрим ѕвезда во своите четириесетти години, со што прегази безброј непишани правила и воедно им даде надеж на сите оние кои веруваат дека најголемиот успех не е условен од возраста. И така таа стана универзално прифатена и сакана: од децата, тинејџерите, патријархот Порфириј со кого таа размени подароци пред заминувањето во Торино, интелектуалците, работниците, мажите, жените, сите.

Констракта сите нѐ освои со едноставноста на „обичната жена“, скромноста со која успешно се носи, леснотијата со која суптилно ги критикува естрадата, општеството и теориите на заговор, воедно овозможувајќи алтернативната сцена да биде многу повидлива и поприсутна отколку досега. Иако не победи на Евросонг, квалитетот на нејзиното творештво не можеше да пројде незабележано. Само неколку часа пред завршницата на Евросонг, ѝ беше доделена награда „Marsel Bezanson“ за најдобар уметнички настап во Торино, а во прилог на фактот дека остави огромен впечаток на натпреварувањето оди и тоа што таа освои две награди во склоп на истото – за најдобар текст и за најиновативен сценски настап. Покрај тоа, Ана Ѓуриќ е номинирана и за бројни други награди, а Радио Белград ја избра за еден од претставниците на фестивалот Еуросоник во Холандија.

Констракта без сомнеж ја обележа годината зад нас кога станува збор за музиката, а по Евросонг таа настапи на бројни фестивали низ регионот и ги заинтригира луѓето со својот „Triptih“. Беше прва домашна хедлајнерка во историјата на ЕГЗИТ Фестивалот, а нејзиниот настап ја покори публиката. Годинава, следуваше уште еден триптих – „Evo, obećavam“, кој ја потврди посебноста на Констракта и нејзиниот тим, како и високите визуелни и музички стандарди кои тие ги поставија испраќајќи моќни и освестувачки општествени пораки.

Оваа неверојатна уметница, на 7 септември пристигнува на големиот Get EXITed спектакл во Градскиот парк во Струмица, на кој ќе настапат и поп-соул ѕвездата Џон Њуман, глобалниот хитмејкер Бурак Јетер и низа други имиња кои наскоро ќе бидат објавени!

Влезот е слободен и отворен за сите посетители, додека за сите заинтересирани кои овој спектакуларен настан сакаат да го доживеат на највисоко ниво во продажба се ВИП влезници по цена од 3.100 денари.


2 views

Comments


bottom of page