Најавена санација на Музејот на вода, Плаошник и Куќата на Момирови во Охрид
16.07.2024 Juli Vtornik
Во однос на Музејот на вода, министерот посочи дека за почеток ќе се обезбедат доекипирање и подобри услови за работа на вработените, со цел нормално функционирање на музејскиот комплекс. Градежните активности на локалитетот Плаошник, кој почна да се оштетува поради временските услови, ќе продолжат во најскоро време, а во Заводот и музеј Охрид веќе е изработен и основен проект за конзерваторско-реставраторски работи, ревитализација и адаптација на Куќата на Момирови во музејски простор
Комплексот Музеј на вода изгледа запуштено и неодржувано, а градежните активности на Плаошник се запрени. Ова се само дел од проблемите што ги констатираше министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при посетата на градот Охрид, кога најави брза санација на локалитетите и нови проекти во македонскиот Ерусалим. Според него, целта е Охрид, во наредниот период, да стане центар со 365 дена културен туризам.
Во однос на Музејот на вода, министерот посочи дека за почеток ќе се обезбедат доекипирање и подобри услови за работа на вработените, со цел нормално функционирање на музејскиот комплекс, потоа ќе се извршат реконструкција и модернизација на оштетениот систем за наводнување, кој во моментов не е во функција.
„Ќе се преземат и активности за повторно ставање во употреба на терасата пред музејската зграда, со што би се овозможил пријатен престој на посетителите и уживање во глетката кон наколната населба“, истакнува министерот. Истовремено, додаде дека ќе продолжат градежните активности на комплексот и следната година, кога ќе се изврши санација на платформата на наколната населба и на покривите од колибите.
Овој музејски комплекс, кој е отворен во 2008 година, во Заливот на коските кај Градиште, е еден од најпосетените локалитети во Охрид. Инаку, комплексот претставува реплика на праисториска наколна населба со 24 куќички од кал и гранки, поставени на платформа над водата, врз дрвени колци. Како што посочуваат и посетителите, оградата е расклатена, а дел од штиците од платформата на повеќе места се оштетени.
Градежните активности на локалитетот Плаошник, кој започна да се оштетува поради временските услови, според министерот Љутков, ќе продолжат во најскоро време.
„Неопходно е да се обезбедат средства за изработка на проект за конзерваторско-реставраторски работи и партерно уредување на целиот археолошки локалитет. Со тоа ќе се обезбедат континуитет во активностите и целосно согледување на археолошкиот локалитет. Недоволната грижа може да остави трајни последици на дел од културно-историските споменици и археолошки локалитети“, посочи министерот Љутков при посетата.
Во исклучително лоша состојба, истакна, е и Куќата на Момирови, лоцирана над Античкиот театар во Охрид. Поради нарушена статичка стабилност, таа претставува опасност за минувачите.
Тој додава дека во Заводот и музеј Охрид веќе е изработен основен проект за конзерваторско-реставраторски работи, ревитализација и адаптација на Куќата во музејски простор, каде што би биле презентирани музејските предмети откриени при археолошките истражувања на Античкиот театар во Охрид.
За реализација на проектите во Охрид, министерот изјави дека во најкус период ќе иницира одржување заеднички состанок меѓу сите субјекти надлежни за изнаоѓање соодветно решение.
При неговиот работен состанок со градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, станало збор и за изработка на 19 детални урбанистички планови во старото градско јадро, за Законот за управување со светското културно наследство, кој е во работна верзија, како и за Планот за управување со Охридскиот Регион, за што ќе се поднесе барање за усогласување со Законот за заштита на културното наследство, Законот за градење, Законот за урбанистичко планирање и Законот на Охридскиот Регион.
Како што додава министерот Љутков, ќе се развие и програма со многу културни и едукативни содржини, а Охрид ќе се промовира како сесловенски духовен културен центар. (Д.Т.)
Comments