Најава за поубави денови: Вардар објави соработка со нов спонзор
Михајло Михајловски на неодамнешниот прес посочи дека се повлекува од директорската функција и го остава Вардар во добри раце, од една страна поради амбициите на легендите Ристовски и Стоилов да го водат клубот, но од друга и поради гаранциите кои ги добил од неколку спонзори. Легендарниот претседател на ракометниот клуб остави простор за младите сили, па откако клубот ги потврди летните засилувања кои беа најавени од Борко Ристовски, денеска се официјализираше и првата спонзорска зделка. Нов партнер на Вардар ќе биде компанијата Бествеј Солушнс, а со ова треба да започне најавениот процес за финансиска стабилизација на клубот кој мина низа навистина тежок период изминативе години. – Ни претставува огромна чест и задоволство да бидеме дел од спонзорскиот тим на двократниот европски шампион РК Вардар. Ја поздравувам идејата на клубот да ги вклучи легендите на македонскиот ракомет Борко Ристовски и Стојанче Стоилов во раководната структура на клубот. Верувам дека со оваа наша поддршка, ќе придонесеме РК Вардар да се врати каде што му е местото, а тоа е на врвот, изјави Ненад Стојкоски, сопственикот на компанијата. Бествеј Солушнс е партнер од доверба на водечка светска платформа за iGaming. Како нивен надворешен соработник, нуди беспрекорен микс на експертиза, иновации и силна поддршка. Заедно ги редефинираат границите на успехот на динамичната iGaming индустрија. Нивниот тим на високо обучени професионалци има богато знаење и искуство во корисничка поддршка, техничка поддршка и комплексноста на оваа индустрија, што им овозможува да постигнуваат извондредни резултати за клиентите и успешно да се справат со сите предизвици кои ги носи индустријата. – Благодарност до Бествеј Солушнс што ќе биде наш партнер во иднина и го препозна она што во клубот го правиме за враќање на Вардар на патот на успехот. Промените што почнаа во Вардар, и играчки и организациски, сега ги прошируваме и на другите полиња. Сигурен сум дека нашиот спонзорски тим што веќе почнавме да го создаваме, ќе ни овозможи не само нормално функционирање, туку и исполнување на плановите во иднина. А тие се враќање на трофеите, враќање во европскиот ракометен крем и создавање на нови играчи. Секој почеток е тежок, но ќе ни биде многу полесно со поддршката што ја имаме од Бествеј Солушнс, и од другите спонзори што ќе дојдат во семејството на Вардар, – најави Борко Ристовски како извршен директор.
Comments