Националната опера и балет одбележува 100-години од смртта на Пучини
01.11.2024 Noemvri Petok
По повод стогодишнината од смртта на еден од најголемите оперски композитори, Џакомо Пучини, Националната опера и балет со гордост го најавува проектот „Месец на Пучини“. Од 8 до 29 ноември, публиката ќе има можност да ужива во четири значајни опери на Пучини: „Боеми“ (8.11.2024) – приказна за љубовта и загубата во боемскиот кварт на Париз; „Мадам Батерфлај“ (16.11.2024) – трагична љубовна приказна за јапонската гејша и американскиот офицер; „Тоска“ (23.11.2024) – опера за љубовта, предавството и жртвата во револуционерниот Рим; „Турандот“ (29.11.2024) – приказна за суровата кинеска принцеза и принцот кој се обидува да ја освои.
– Секоја од овие опери носи емотивни приказни за љубовта, жртвата и страста, раскажани преку трогателни мелодии и виртуозни изведби, кои нашите солисти, хорот и оркестарот ќе ги оживеат на сцената. За публиката, ова е ретка можност, во еден месец, да доживее четири од најважните опери на Пучини, изведени на највисоко ниво. Проектот „Месец на Пучини“ не е само уметнички настан туку и можност да ја инспирираме новата генерација љубители на операта, да ги прошириме културните хоризонти и да предизвикаме интерес за оперската уметност кај пошироката публика – велат од НОБ.
Comments