Научниците открија ДНК стара повеќе од два милиони години
Научниците од Центарот за геогенетика на фондацијата „Лундбек“ идентификувале ДНК од животни, растенија и микроби стара два милиони години, кои биле пронајдени во седиментни карпи на најсеверната точка на Гренланд, што е неверојатно откритие.
Истражувачите соопштија дека откриените фрагменти на ДНК им припаѓаат на различни животни, вклучувајќи мастодонти, ирваси, зајаци, леминзи и гуски, како и растенија, вклучувајќи топола, бреза и туја, но и микроорганизми, вклучувајќи бактерии и габи.
Според Еске Вилерслев, директор на фондацијата „Лундбек“ и водач на студијата што дошла до ова откритие, најголемото изненадување за научниците било откривањето поранешен уникатен екосистем, мешавина од арктички видови и видови од поумерените области.
– Мастодонт досега не е пронајден на Гренланд. Никој не можеше да предвиди дека пред два милиони години Гренланд имал толкава разновидност на растенија и животни, во време кога климата била многу слична на онаа што ја очекуваме за неколку години поради глобалното затоплување – рече тој.
ДНК е материјал што се самореплицира и носи генетски информации во живите организми, но и покрај тоа што е многу расиплива, научниците открија дека под соодветни услови може да преживее многу долго.
Вилерслев вели дека старата ДНК не може да се користи за оживување на изумрените видови, како во филмовите за паркот Јура, но може да помогне да се открие како растенијата стануваат поотпорни на климата што се загрева.
– Таа ДНК не може да се користи за клонирање или оживување, но може да се користи за генетско модифицирање на живите организми, како што се растенијата, за да се приспособат на потопла клима – вели Вилерслев.
コメント