top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Научна конференција „Македонска книжевна архива“: Културната традиција претставува најсигурна инвест

„Книжевноста е тестамент пренесен од генерација на генерација, од род на род, од народ на народ, од култура на култура. И тука Конески ја трасирал за нас онаа идентитетски потврдена долга вертикала на национална самобитност, поттикнувајќи ја нашата национална свест и гордост, истакнувајќи дека шансата на малите литератури ја гледа во едно резултантно вкрстување на вредностите на локалната традиција со литературните струења што се шират од центрите на изразита културна радијација“, рече Маја Јакимовска-Тошиќ, директорка на Институтот за македонска литература, на свеченото отворање на Меѓународната научна конференција „Македонска книжевна архива“

„Наша должност е да гледаме на литература и на културата на еден народ како на движечка сила на општеството. За нас, сушноста на човекот е токму во писмото, во книжевноста, во читањето, бидејќи и самата човечка историја е запис, сведоштво и паметење, културна меморија. Книжевноста е тестамент пренесен од генерација на генерација, од род на род, од народ на народ, од култура на култура. И тука Блаже Конески ја трасирал за нас онаа идентитетски потврдена долга вертикала на национална самобитност, поттикнувајќи ја нашата национална свест и гордост, истакнувајќи дека шансата на малите литератури ја гледа во едно резултантно вкрстување на вредностите на локалната традиција со литературните струења што се шират од центрите на изразита културна радијација. Со тоа културната акција ја надживува политичката согледана како одраз на актуелното време, со што културната традиција претставува најсигурна инвестиција на еден народ“, посочи Маја Јакимовска-Тошиќ, директорка на Институтот за македонска литература на денешното свечено отворање на Меѓународната научна конференција „Македонска книжевна архива: Од ракопис до дигитална култура“ што се одржа во „Куршумли ан“.

Целта на конференцијата, на која денес и утре свои излагања имаат околу 70-ина македонски и странски (од Словачка, Полска, Русија, Канада, Словенија, Хрватска, Србија) проследувачи на книжевните процеси, а следејќи ги историографските, општествените и културолошките интроспекции и низ аспектите на книжевната архива преку меморијата и сеќавањето, е да го проследи континуитет на македонската книжевна традиција преку највпечатливите нејзини појави, пројави и манифестации на културното живеење на македонски терен.

Институтот за македонска литература преку конференцијата прославува и 40 години постоење и развој, што коинцидира со одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. „Во овој 40-годишен период соработниците во Институтот со примена на современа методологија работеа на научноистражувачки проследувања на книжевно-историските процеси, на утврдувањето на вредносните канони на македонската литература и култура создавана во долг временски интервал од 9 до 21 век. Бројните проекти на соработниците, изданијата, референтните објавени студии, пред нас ја отворија потребата со овој симпозиум, што го доживуваме како круна на нашата досегашна активност, да се проговори низ современ аспект за разнообразноста на книжевните остварувања во македонската литература, за процесите и творците, за просторот на колективната меморија, на нејзините претстави и наративни обрасци, што ја одбележуваат посебноста на македонската книжевна и културна традиција низ вековите“, додаде Јакимовска-Тошиќ на отворањето.

Конференцијата ја отвори претседателот Стево Пендаровски, а присуствуваше и амбасадорот на Република Словачка Хенрик Маркуш.

На свечениот дел од конференцијата од страна на проф. д-р Ана Мартиноска беше промовирано и најновото научно остварување на ИМЛ, тематскиот зборник „The Ethical and Axiological Aspects in the Literature and the Culture of the 20th and 21st century“, уреден од Јакимовска-Тошиќ и Катарина Женухова.

„Зборникот, кој е резултат на истоимениот проект на ИМЛ и Факултетот за уметности при Универзитетот „Кирил и Методиј“ од Трнава, Словачка, не само што ја продолжува мисијата на столбовите на словенската писменост чие име го носат овие два универзитети, туку е и продолжение на веќе етаблираната научна соработка на овие две пријателски земји. Зборникот е монографија во која се собрани 12 научни трудови на реномирани соработници, од двете академски средини, во кои се обработуваат различни прашања од областа на етиката, користејќи мултидисциплинарен пристап во истражувањата. Како што истакнуваат уредничките ‘Процесите на аксиолошка интерпретација на современата литература и култура, како на национално, така и на глобално ниво, стануваат сè повеќе оптоварени од (не)етички и неестетски фактори, но исто така и од низа социјални фактори, како што се: позиционирањето на моќта, идеолошките и политички контексти, доминација на консумеризмот, закана за животната средина итн. Овие фактори се причина за променетата улога на литературата во однос на јавниот простор денес и за пошироко разбирање на моралот и етичките стандарди’“, рече промоторката на Зборникот. (Н.И.Т.)





3 views

Comments


bottom of page