Научен собир „Од збор до речник“: Македонскиот јазик е врежан во националната и културната меморија
Меѓународниот научен собир „Од збор до речник“ се одржува во духот на силно изразено чувство на национално достоинство. На 4 мај, првиот ден од собирот го чествуваме Гоце Делчев, нашиот идеолог, револуционер и визионер, а денеска на 5 мај, вториот ден на собирот, го чествуваме Денот на македонскиот јазик. Два датума врежани во македонската национална и културна меморија. Ова денеска го истакна д-р Катица Топлиска-Евроска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков “ – Скопје во оваа јубилејна година (1953 – 2023), по 27. пат ја организира традиционалната манифестација „Денови на Благоја Корубин“, во чии рамки се одржува Меѓународен научен собир „Од збор до речник“.
Универзитетскиот професор и претседател на Советот за македонски јазик Људмил Спасов истакна дека Денот на македонскиот јазик значи ден на гордоста, ден кога се сумираат резултатите од она што е направено и она што треба да се направи однапред.
Тој информира дека вечерва во Кинотека бесплатно ќе се прикажува филмот „Јанѕа“, кој го следи животот и делото на професорот, академик, поет и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик Блаже Конески. На 6 мај се планира премиера на овој филм во Домот на културата во Битола. Се планира филмот да се прикажува низ целата држава и пошироко.
– Ние успеавме преку Советот и благодарение на целата академска заедница, да се отвори од есенва лекторат или настава по македонски јазик на Универзитетот во Корча „Фан С. Ноли“ затоа што таму живее голем дел македонска заедница, но и други заедници… Најновата вест е дека сме на најдобар пат да се отвори таков лекторат во рамки на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана, нагласи Спасов.
Македонскиот јазик, како што рече, станува европски јазик и луѓето што ќе го слушаат ќе добиваат сертификати кои ќе им служат во кариерниот развој.
Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елена Јованова Грујовска потсети дека ова е петта година како се одбележува Денот на македонскиот јазик во земјава.
– Да ни е честит 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, порача Јованова Грујовска. Додаде дека минатата година и оваа во речиси сите образовни институции се одбележува 5 Мај.
Таа ги соопшти добитниците на првите три награди и оние кои добија пофалници за најдобар есеј од основните и средните училишта и од универзитетите. Наградниот конкурс на тема „Јазикот наш денешен“ беше објавен на 21 Февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Наградите ќе им бидат врачени на добитниците на празнувањето на јубилејот на Институтот – 70 години од основањето, на 26 јуни 2023 година.
– Се вреднува трудот, талентот, желбата за натпревар и желбата да се твори на мајчин, македонски јазик, нагласи Јованова Грујовска. Упати порака дека ние се грижиме за македонскиот јазик, од најмали до најголеми.
Иван Котев, кој е еден од учесниците на Меѓународниот научен собир, по повод 5 Мај им подари свои дела на Институтот за македонски јазик и на директорката Јованова Грујовска.
Comments