top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Научен собир во МАНУ: Зборовите на Мисирков „Други ќе печалат, ние ќе губиме“ и 100 години подоцна а

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, изрази надеж дека собирот ќе придонесе разумот и научните аргументи да станат единствена водилка за подобра и просперитетна иднина на државата во која македонскиот идентитет и јазик ќе го задржат словенскиот карактер. Според академик Катица Ќулавкова, пак, придонесот на Мисирков во развојот на македонската културна историја како научна дисциплина е значаен затоа што се рефлектира врз освестувањето и легитимација на македонскиот етнички културен идентитет, што претставува услов за стекнување на политичкиот суверенитет на Македонија

„За жал, денеска, сме соочени со непринципиелни закани уцени и ненаучни аргументи бесмислено барање дека македонскиот идентитет, македонскиот јазик имаат бугарски корени, апсурдно барање својата национална генеза Македонија да ја дефинира онака како што бара една соседна земја. Македонија се надевам дека нема да отстапи од одбраната на македонскиот идентитет и јазик, тие имаат словенски карактер, ама не бугарски. Геополитичките игри во некои можни сценарија може да предизвикаат штетни последици и за Македонија и за Бугарија, за тоа треба да бидат свесни и македонските и бугарските политичари. Така зборовите на Мисирков 100 години подоцна се многу актуелни ‘Други ќе печалат, ние ќе губиме“, рече во своето воведно обраќање претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Љупчо Коцарев, на научниот собир одржан денес во МАНУ и во чест на Крсте Петков Мисирков – автор на книгата „За македонцките работи“.

Тој изрази надеж дека собирот ќе придонесе разумот и научните аргументи да станат единствена водилка за подобра и просперитетна иднина на државата во која македонскиот идентитет и јазик ќе го задржат словенскиот карактер.

Академик Коцарев потсети дека Мисирков во своите дела ја истакнува важноста на историјата и идентитетот на државата, како и дека животниот пат на Мисирков е и за денешни услови неверојатен.

На научниот собир беа истакнати цитати на Мисирков кои се однесуваат на меѓусосетските односи, словенскиот карактер на македонскиот јазик и идентитет, како и нивната заштита.

Претставниците од МАНУ сметаат дека Мисирков не е само основоположник на македонската културна историја туку и дека ја издигнува истата на високо европско научно рамниште. Велат, Мисирков ја проучува македонската култура во контекст на пошироките словенски јужнословенски и балкански етнокултури и нивните развојни процеси.

Според академик Катица Ќулавкова, историјата на општеството има два фокуса, едниот е национален и поврзан со развојот на државата, а другиот е културен и заинтересиран за идентитетските спреги на релација индивидуа, нација, држава.

„Придонесот на Мисирков во таа смисла во развојот на македонската културна историја како научна дисциплина е значаен затоа што се рефлектира врз освестувањето и легитимација на македонскиот етнички културен идентитет што претставува услов за стекнување на политичкиот суверенитет на Македонија“, посочи Ќулавкова. Таа додаде и дека македонската културна историја и денес е исправена пред старите предизвици за кои што Мисирков се надевал дека ќе се разрешат точно пред едно столетие. „Изложеноста на Македонија на повеќедецениски ултиматуми во процесот на интеграцијата поради идентитетските спорови е доказ за виталноста на хегемонизмот и за комплементарноста на балканските културни и политички претензии“, вели таа.

И академик Витомир Митевски констатира дека тоа што некогаш се сметало за минато и надминато, денес по 120 години, со оглед на трагичната состојба во која се најде македонскиот народ и неговата држава, денеска, повторно е актуелно.

„По 75 години државност на Македонија се повампирија старите апетити, на некој начин соседски се отворија нови прашања и стари рани, се копа и рие по она што ни е најсвето, сведоци сме дека се прават некакви договори зад грбот на македонскиот народ, тмурни облаци се надвиснаа над Македонија со закана да го загубиме она што со генерации е градено создадено со љубов, ентузијазам и платено со животи. Во исто време сме под закана да ја изгубиме дури и иднината на нашиот народ. Во ова време-невреме е потребно поучно да се навратиме на некои основни тези на Мисирков“, порача Митевски.

Исто така, на настанот беше потенцирано дека процесот на ерозија на идентитетот на македонскиот народ преку бришење на сите национални културни одлики зема силен замав особено по таканаречениот Преспански договор и сега се шири на сите нивоа.

Според претставниците од МАНУ, основна задача на овој собир е да укаже на научните факти, кои треба да послужат како опомена за последиците доколку тие се игнорираат.



2 views

Comments


bottom of page