Наташа Сарџоска, поетеса, писателка, антрополог..: Ми пречи злоупотребата на човечката слабост и доб
28.02.2022 Februari Ponedelnik
Наташа Сарџоска, поетеса, писателка, антрополог..: Ми пречи злоупотребата на човечката слабост и добрина„Како автор на романот ‘Трамонтана’, пораките на читателите ми се повредни од сè друго зашто ми докажуваат дека писателот, поетот, уметникот можат да исцелат болно ткиво и да му ја вратат светлината…“, вели поетесата и писателка Сарџоска во разговорот за весникот ВЕЧЕР, по повод нејзиниот прв роман „Трамонтана“, во издание на издавачкиот центар “ТРИ“, книга која го привлече вниманието на читателите
„Сите ние понекогаш ја чувствуваме празнината – сеопфатна и застрашувачка. Потребна е храброст да се соочиме со неа. Ако, пак, ја прифатиме, ни ги открива одговорите на најважните животни прашања. А потоа низ неа јурнува трамонтаната, (каталонскиот ветер кој носи сè пред себе), која нѐ прочистува и му дава нова смисла на животот…“. Ова е кратката најава на романот „Трамонтана“ на Наташа Сарџоска, авторка и на поетските книги „Сината соба“, „Кожа“, „Тој ме повлече со невидлив конец“, „Жива вода“ и „Крстна коска“ препеани на италијански, шпански, албански, германски, словачки, хебрејски, португалски, англиски и српски јазик.
На читателската публика сте и позната, пред сè, како поетеса, но пријатно изненадивте со одлуката да напишете роман. Со оглед дека „Трамонтана“ е Вашето првенче, како гледате на овој роман?
Како на дел од моето тело, како жива рана што од мене морала да се роди, а сега расте, се претвора во личност и го запознава светот околу себе. Јас сум благодарна зашто мојот прв роман беше дочекан со љубезно внимание од многу читатели, колеги, пријатели, а ми донесе и многу искрени исповеди на нови луѓе, претежно читателки што во романот нашле дел од себе што долго го барале или доловиле полнеж за некаква лична празнина; како автор тие пораки ми се повредни од сè друго зашто ми докажуваат дека писателот, поетот, уметникот можат да исцелат болно ткиво и да му ја вратат светлината. Ако сум успеала барем малку да изгребам или да пресечам под површината, можам да кажам дека сум ја завршила мојата скромна лична задача.
Која e пораката вткаена во овој роман и сметате ли дека успеавте да ја пренесете на читателите?
Пораката е многу едноставна: секој човек се раѓа слободен, но не секогаш умира слободен. Ако животот е потегобен и од смртта, како што напиша италијанскиот поет Атилио Бертолучи, тогаш треба да се прифати животот како соперник во дуел или како сојузник во војна. Но за да му се даде смисла на тој двобој, потребна е голема храброст да се признае дека во секој од нас има празнина што просто не може да се пополни со скици, со шаблони, со рецепти, со препораки, зашто патот до личната полнота секој сам си го наоѓа, а тоа значи дека секој од нас секој ден е исправен пред понорот на поразот – и тоа е разбирливо од гледна точка на човечката ранливост и несовршеност – иако е вртоглав секој обид да се пренебрегне амбисот во нас, зашто тој нè повикува на соочување со нас самите, но токму во тоа се состои битката. Главните хероини Алма и Алба, двојнички, се внатрешно прогонети личности што се стремат на нестандарден и неконформистички начин да се најдат себеси во себегубењето и притоа да посегнат по една поинаква слобода што им се прикажува на патот како нешто опасно, ризично, неизвесно, неопипливо, неиспитано. Тие жени се борат со себе ама во себе, затоа нивната борба е нема,тивка, нечујна, безбојна, немоќна. Никој не ја гледа. Никој не ги гледа. Сакав да им дадам сила и полнеж на тие празни и мали луѓе што никој не ги гледа и не ги прифаќа или врамува во просторот немилосрдно окупиран од сурови цени за гнили вредности и лицемерни лаги.
Со оглед дека се работи за психолошки роман, чие дејствие е сместено во Париз, но и во Скопје, во Виена и исто така во Охрид, дали Вашиот авантуристички дух, интересот за човековата психа, можеби и антропологијата Ви помогнаа во неговата реализација?
Живеев во Париз, таму и магистрирав и докторирав. Службено често патував во Виена, а работам како универзитетски професор во Германија. Како антрополог сум го набљудувала тој западноевропски свет, особено работејќи во меѓународните организации и ме импресионирала психологијата на тие меѓународни експерти, кои со сарказам ги елаборирам во романот, токму заради нивната слепа верба дека извезуваат правда и демократија, без притоа да навлезат во големата слика, а она што често ни бега на сите од кадарот на нашата ограничена перцепција е токму таа: големата слика. Како писател сакав да покажам дека и покрај привидот дека се хумани и етички, често нивните мисии се сведуваат на нешто сепак малку нехумано и неетичко. Во романот го зедов кривичното дело трговија со луѓе за да го разложам на повеќе рамништа – не само кривично, туку и психолошко, социјално, родово – зашто, таа трговија со луѓе сурово се сведува токму на трговија со една повисока смисла на постоењето. Ми пречи злоупотребата на човечката слабост и добрина, а секоја сензационална спектакуларизација на човечката несреќа ме разоружува како човек зашто ја разнебитува правдата и рамнотежата во светот.
Всушност, што е за Вас поголем предизвик, поезијата или романот како начин на изразување на Вашите мисли, внатрешниот глас, потребата за слобода… и тоа во ова време на пандемија?
Роберто Хуароз рекол дека поезијата не е книжевен жанр, туку е посебна уметност. Поезијата го раслојува внатрешниот живот, го исфрла на површина внатрешниот глас и се служи со инструменти кои не им се иманентно природни на драмскиот или прозниот јазик – како на пример јазични експерименти, метафизички алузии, нелогични асоцијации, неприродни метафори – а освен тоа се посветува на општествено бесполезни теми. Но поетски градениот роман, како оние на Јурсенар, Кињар, Сарот, Дира, со не така јасно одредено сиже, може да допре длабоко до фантазијата и слободата на читателот. Лично, предизвикот да пишувам роман ми даде творечка слобода зашто можев во прозниот јазик да ги сврзам поетските слики со психолошките асоцијации на очигледен начин и да раскажам искрени приказни на замолчени луѓе. Мојот живот длабински не се промени со пандемијата, освен што сум лишена од слободата на движење и патување, зашто писателската, поетската уметност се создава во самотија, во изолација, во лишеност од светот, од другите, така што творечката слобода не ми беше одземена. Напротив.
Со оглед дека сте личност која постојано бара нови предизвици, дали прозата е нов прозорец кој го отворивте во Вашиот живот и размислувате ли веќе околу темата за нов роман или можеби повторно ќе се навратите, поточно ќе продолжите со поезијата?
Жоан Маргарит, покојниот каталонски поет, мојот поетски гуру, има напишано дека не им верува на поетите кои престанале да пишуваат поезија. Никогаш не би ја напуштила поетската уметност. Па макар и да не објавам поетска книга десет години, јас и натаму ќе пишувам поезија затоа што поезијата е уметност што може да ве спаси во мигот, веднаш, затоа што сè додека човекот е несреќен и скршен, ќе пишува и ќе бара поезија. Секако, мислам дека едното не се исклучува со другото: имам фабула за нов роман, а летово напишав неколку песни во нов поетски стил и се надевам дека наскоро ќе се огласам со нови книжевни дела. (Д.Т.)
Commentaires