Наследството на „Матрикс“ во реалниот свет – од црвени апчиња до заговори
Во пресрет на четвртото продолжение „Матрикс: Воскреснувања“, 18 години од завршувањето на оригиналната трилогија, светските медиуми го разгледуваат трајното и пророчко наследство на сагата. „Не ја знам иднината… Не дојдов овде да ви кажам како ќе заврши ова, дојдов овде да ви кажам како ќе почне“. Во завршниот монолог на „Матрикс“ од 1999 година херојскиот лик на Кијану Ривс, Нео, испорачува остро предупредување до машините што го контролираат светот по откривањето дека човештвото е заробено во симулирана реалност. Објавен додека општеството беше на работ на интернетска револуција и вознемирено од т.н. милениумска бубачка, филмот не само што го допре технолошкиот развој од тоа време туку постави далекосежни прашања за интернетот, свеста и за општествената контрола. Сестрите кокреаторки на „Матрикс“, Лана и Лили Вачовски, својата дистописка визија лабаво ја засноваа на делото на францускиот академски филозоф Жан Бодријар, еден од највлијателните постмодернистички теоретичари. Долго време пред Ривс да го облече палтото на Нео тие побараа тој да ја прочита книгата „Симулакрум и симулација“ на Бодријар (1981) за да се подготви за улогата.
Comments