Наскоро новогодишната турнеја „Четири скокалници“ за жени
СКИЈАЧКИ СКОКОВИ
Првиот натпревар од новогодишната турнеја „Четири скокалници“ во скијачки скокови за жени се очекува да се одржи во зимската сезона 2023/2024, а разговорите се во тек помеѓу Германскиот и Австрискиот скијачки сојуз во соработка со претставниците на Интернационалната скијачка федерација (ФИС), објави ФИС на својата интернет-страница. Првичниот план е да се одржи турнир во скијачки скокови за жени околу Нова година со настани во Германија и во Австрија. Планирано е отворањето да се одржи во Гармиш-Партенкирхен, истиот ден со првиот натпревар за мажи во Оберсдорф, каде што би се одржал вториот натпревар за жени во рамките на новогодишното натпреварување. Уште е отворено како ќе продолжи турнирот во Австрија, пишува ФИС. Австрискиот скијачки сојуз во моментов проверува различни опции на можните места. Натпреварите за мажи се одржуваат во германските скијачки центри Гармиш-Партенкирхен и Оберсдорф и во австриските Инсбрук и Бишофсхофен. Новогодишната турнеја се одржува од јануари 1953 година.
Comments