top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

НАСА наскоро ќе се збогува со лендерот „Инсајт“ на Марс

Лендерот „Инсајт“ испратен до Црвената Планета од американската вселенска агенција НАСА е при крај. „Инсајт“ наскоро нема да може да испраќа податоци и фотографии до научниците на Земјата, за тие да го анализираат и подобро да го разберат Марс. Лендерот постепено ја губи енергијата долго време, бидејќи на неговите соларни панели се акумулира прашина.

Во наредните месеци се очекува „потемно“ небо, а една од причините е поголемото количество прашина во воздухот, што не му оди во прилог на лендерот. Соларните панели на „Инсајт“ можеа да генерираат околу 5.000 вати енергија на час дневно на Марс, што е доволно енергија за електрична печка да работи час и 40 минути. Сепак, овие денови панелите можат да произведат само 500 вати енергија на час дневно на Марс, што е доволно за максимални 10 минути работа за електрична печка.

НАСА верува дека лендерот повеќе нема да може да ја поддржува работата на својот сеизмометар до крајот на летото, што ќе ги прекине неговите научни активности. Несеизмичките инструменти на „Инсајт“ повремено ќе се вклучуваат по мај, но НАСА очекува лендерот да стане целосно нефункционален до декември. Единствениот начин да се спречи ова сценарио е лендерот да се најде под влијание на моќниот феномен познат како „прашински ѓавол“, кој би ја отстранил прашината од неговите панели. Ако 25 проценти од прашината се отстранат од панелот, лендерот би можел да продолжи со своите научни активности.

„Инсајт“ пристигна на Марс во ноември 2018 година и ги помина изминатите неколку години собирајќи информации за земјотресите на Марс, кои им помогнаа на научниците да ги измерат длабочината и составот на кората, обвивката и јадрото на Црвената Планета. Лендерот има роботска рака, која се користела за манипулирање со сеизмометарот и топлинската сонда, а таа рака била користена и за отстранување одредено количество прашина од соларните панели.


1 view

Comments


bottom of page