НАСА и „Роскосмос“ планираат заеднички летови
НАСА и руската вселенска агенција „Роскосмос“ соопштија дека потпишале договор за заеднички летови до Меѓународната вселенска станица.
Ова ќе им овозможи на руските космонаути да летаат со летала од американско производство во замена американските астронаути да можат да се возат во рускиот Сојуз, соопштија двете агенции, пренесе „Ројтерс“.
Договорот е во интерес на Русија и на САД и ќе го промовира развојот на соработката во рамките на програмата на Меѓународната вселенска станица, соопшти „Роскосмос“, додавајќи дека програмата исто така ќе го олесни истражувањето на вселената за мирољубиви цели.
Додека НАСА објави дека првите заеднички летови според новиот договор ќе бидат извршени во септември, а американскиот астронаут Френк Рубио ќе се лансира до вселенската станица од космодромот „Бајконур“ во Казахстан, кој е изнајмен од Москва, заедно со двајцата космонаути Сергеј Прокопиев и Дмитриј Петелин.
Во исто време, космонаутката Ана Кикина ќе им се придружи на двајца американски астронаути и еден јапонски астронаут на летот на Кру Драгон на „Спејс екс“ до орбиталната лабораторија од вселенскиот центар „Кенеди“ на НАСА во Флорида.
Comments