Направена е првата веганска виолина во светот
Еден производител на виолини од Велика Британија неодамна успеа во нешто по што многумина копнееја, а тоа е – првата веганска виолина во светот. Тоа е нешто што ги радува не само оние што се грижат за животните и животната средина туку и воопшто љубителите на музиката.
Идејата започнала пред околу 40 години кога од производителот на виолини Падраиг О’Дублаоид било побарано од страна на муштерија да изработи веганска виолина. Тој бил заинтригиран од барањето, што го натерало да се запраша колку музичари се чувствуваат обврзани да не свират виолина од етички причини, пишува „Би-би-си“.
Имено, за виолините и слични инструменти најчесто се користат коњски влакна, како и рогови, копита, коски и органи од добиток. Меѓутоа, истиот производител на виолини, кој беше заинтригиран од идејата за веганска виолина пред четири децении, сега реши навистина да го спроведе проектот.
Тој ги искористил своето богато искуство и вишокот слободно време за време на пандемијата и ја направил првата виолина што е сто проценти веганска. Тоа се однесува на жиците и на сите бои, за кои се користеле природни материјали и изворска вода, како и круши обработени на пареа и диви бобинки.
Покрај тоа што ваквата виолина ја елиминира потребата од животински материјали и остава помалку негативно влијание врз животната средина, од музичка, односно акустична страна, звукот е подобар. Лепакот од животинско потекло ги напрега дрвените елементи и им штети, додека новиот начин на производство носи подобар звук. Дали ова е само креативна идеја или целосен преседан што ќе донесе нов начин на размислување во оваа индустрија, останува да видиме.
Comments