top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Наоми Осака се повлече од Ролан Гарос

01.06.2021 Juni Vtornik

Втората тенисерка во светот, Јапонката Наоми Осака, се откажа од понатамошниот настап на францускиот гранслем-турнир Ролан Гарос, еден ден по непојавувањето на задолжителната прес-конференција, по победата во првото коло на турнирот, за што беше казнета со 15.000 долари. Таа уште пред почетокот на турнирот најави дека не сака да зборува со медиумите поради „здравствени причини“, но не наиде на разбирање кај организаторите на Ролан Гарос, кои освен со паричната казна ѝ се заканија дека ќе ја суспендираат од турнирот, но и од други големи турнири. Осака, победничка на Австралија опен и на САД опен и поранешна најдобра тенисерка во светот, на својот профил на Твитер објави дека решила да го напушти турнирот во Париз.

– Мислам дека и за турнирот и за другите играчи и за мојата благосостојба, најдобро е да се повлечам, така сите ќе можат повторно да му се посветат на тенисот. Никогаш не сакав да го одвлекувам вниманието и прифаќам дека времето не беше идеално и мојата порака можеше да биде појасна. Што е уште поважно, никогаш не би го тривијализирала менталното здравје или би го користела терминот лесно. Вистината е дека имав долги напади на депресија по САД опен во 2018 година и навистина ми беше тешко да се справам со тоа. Сите што ме познаваат знаат дека сум интровертна и сите забележале дека на турнирите често носам слушалки, кои ми помагаат да ја стишам социјалната анксиозност. Јас не сум добар говорник и имам огромни бранови на вознемиреност кога треба да зборувам пред светските медиуми. Станувам нервозна и стресно е секогаш кога се обидувам да ги дадам најдобрите одговори што можам. Во Париз веќе се чувствував ранливо и вознемирено, па помислив дека е подобро да се грижам за се-бе и да ги прескокнам прес-конференциите. Го објавив превентивно, затоа што чувствувам дека правилата во некои делови се застарени и сакав да го истакнам тоа. Сега ќе се одвојам малку од теренот, но кога ќе дојде време, навистина сакам да работам со Турнејата за да разговараме за начините на кои можеме да ги подобриме работите за играчите, медиумите и за гледачите – напиша меѓу другото Осака.

Многу тенисери и други спортисти ѝ дадоа поддршка на Осака. Претседателот на Француската тениска федерација, Жил Моретон, изрази жалење за повлекувањето на втората носителка.

– Ѝ посакуваме сѐ најдобро и што е можно побрзо закрепнување. Со нетрпение ја очекуваме Наоми на нашиот турнир следната година. Остануваме многу посветени во грижата за нашите спортисти на сите гранслем-турнири, ВТА, АТП и ИТФ-турнири и континуирано се залагаме за подобрување на сите аспекти на играчите, од искуствата на нашиот турнир, вклу-чувајќи и со медиумите, како што секогаш сме се труделе – изјави Моретон. Та.Д.

5 views

Comments


bottom of page