top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Нант ја освои Лигата на Европа

РАКОМЕТ

Во петтата сезона на европска сцена, ракометарките на француски Нант ја освоија својата прва титула во Лигата на Европа (претходно ЕХФ-куп, н.з.), победувајќи го бранителот на титулата од 2019-та, унгарски Шиофок, со 36-31, во финалето на фајналфор-турнирот, кој се играше во Баја Маре, Романија. За Французинките ова е прв трофеј воопшто во нивната клупска историја. Во мечот, пак, за третото место, Баја Маре славеше над дански Хернинг (33-31). Претходно во полуфиналните пресметки Нант го доби дуелот со Баја Маре (36-34), а со идентичен резултат Шиофик беше подобар од Хернинг. Иако имаше серија од 17 натпревари без пораз на европската сцена, Шиофок не успеа да стане вториот тим по Дебрецен (1995, 1996) што ја одбранил титулата во второто по ранг ЕХФ-натпреварување.

– На девојките им реков дека ова е голем настан, дека се два меча, а ракометот е она што тие најдобро го прават. Ајде да играме, ќе плачеме после. И токму тоа го направија. Се држеа до договореното и беа неверојатни. Ова е историски триумф за нас – изјави тренерот на Нант, Жилијам Патрик Саурина. Десното крило Натали Хегман со седум и бразилскиот лев бек Бруна Алмеида де Паула со шест погодоци беа најефикасни во победничкиот тим. Со 14 гола за време на викендот во Баја Маре, Де Паула беше прогласена за МВП во ЕХФ-финалето, додека, пак, наградата за најдобар стрелец ѝ припадна на Хегман, која во двата меча постигна вкупно 18 погодоци. Централниот бек на Хернинг, Хелен Фауске, ја заврши сезоната како најдобар стрелец, со 61 погодок.


1 view

Comments


bottom of page