top of page

Наместо големо дерби, Вардар лесно го победи вториот тим на Охрид!

03.04.2026 April Petok

Ракометарите на Вардар 1961 го добија натпреварот кој требаше да биде дерби против Охрид со убедливи 31-21 (17-12) во натпреварот од третото плеј-оф коло во Суперлигата. Иако се очекуваше спектакл во СЦ „Јане Сандански“, гостинската екипа допатува со втор тим, дури и поголем дел од играчите беа од младинските категории. Причината беше реванш дуелот во четвртфиналето на ЕХФ Купот против Олимпијакос в сабота.

  • Комплетниот натпревар меѓу Вардар 1961 и ГРК Охрид:



Иако охриѓани истрчаа со комбиниран состав во Скопје, добро отворија. Парираше тимот кој од клупата наместо Борис Ројевиќ го водеше Наум Бабачев, дури и поведе со 3-5 откако два гола врзаа Савревски и Ристески. Оваа предност Охрид ја бранеше во следните пет минути, па имаа и 5-7. Сепак, тогаш набрзина вардарци казнија неколку грешки и направија серија од 5-0 преку Георгиевски, Да Силва, Боно, Стојановски и Лазаревски за 10-7. Во следниот период домашниот тим воспостави резултатска контрола, па предноста почна да расте. Највисокото водство дојде по двата гола на Хориха и Ќосевски за 16-11, а до полувремето падна уште по еден гол на Ќосевски и Боно за 17-12 на паузата. 


Сосема очекувано, Охрид почна да паѓа во вториот дел, иако намали на стартот на 18-14 преку Кукуловски. Вардарци влегоа во подобар ритам, па иако и Чупиќ ротираше предноста се зголемуваше како што одминуваше времето. Со серија од 3-0 Вардар стигна до 22-15 по десет минути игра. Во следните десетина минути резултатот гравитираше во таа граница, а во завршницата водството се зголеми. Пред крајот со голот на Марчињак се заокружи кругот на стрелци, сите играчи на Вардар дадоа по гол и предноста достигна максимални десет разлика (31-21). 


Најефикасен играч во победничкиот табор беше Урош Митровиќ со шест реализации, додека четири даде Хориха, а головите кај Вардар беа распоредени кај сите ракометари. Во таборот на Охрид најзапазен настап имаше Дејан Кукуловски со шест погодоци.


Што се однесува до табелата, Вардар убедливо води со 48 бода, шест повеќе од второпласираниот Еурофарм Пелистер, осум од Охрид и десет од Алкалоид.


 
 
 

Comments


bottom of page