Наковска-Бикова седма, Јовановски 16., со воздушен пиштол
05.06.2024 Juni Sreda
СТРЕЛАШТВО – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ШПАНИЈА
Македонската стрелачка во параспорт Оливера Наковска-Бикова го освои седмото место во финалето во дисциплината П2 воздушен пиштол на 10 метри жени, на Европското првенство (ЕП) во парастрелаштво, кое до 7 јуни ќе се одржува во Гранада, Шпанија. Во квалификациите таа погоди 565 круга и како третопласирана влезе во финалето, каде што осумте најдобри се бореа за еден од медалите. Претходно во дисциплината П3 спорт пиштол на 25 метри Наковска-Бикова го освои 12-то место со погодени 556 круга, а само два круга ја делеа до пласман во финалето.– Недостигот од натпревари годинава, ова и е прв меѓународен турнир, а особено на учество во финални борби, продуцира недоволна натпреварувачка форма. За жал, Оливера чувствуваше притисок со кој не се справи најсоодветно и не го изработи финалето еднакво добро како и основниот дел – вели нејзиниот тренер и селектор на параолимписката репрезентација на Македонија, Бранимир Јовановски.Вториот македонски натпреварувач на ова ЕП, Александар Јовановски во дисциплината воздушен пиштол на 10 метри, го освои 16-то место со 545 круга.Претходно во дисциплината П6 микс тим воздушен пиштол, Оливера и Александар не успеаја да го освојат бронзениот медал во натпреварот со втората екипа на Украина, односно беа поразени со 10-16.Денеска на програмата на ЕП се натпреварите во дисциплината П4 пиштол слободен избор на 50 метри, а ќе настапат и двајцата македонски репрезентативци. На ЕП, на кое учествуваат 143 спортисти од 31 држава, со репрезентативците се тренерот Бранимир Јовановски и асистентот Драган Дојчиноски.На ова ЕП, Јовановски се бори за освојување една, од преостанатите две норми во дисциплината 50 метри пиштол слободен избор, за учество на Параолимписките игри (ПОИ) во Париз 2024. За Наковска-Бикова, пак, ова ЕП е од престижен карактер, со можност да освои уште еден медал во нејзината богата колекција, но истовремено и добар тест пред настапот на ПОИ 2024, оти таа веќе има исполнето норма за Париз. За неа настапот во Париз ќе биде шести во низа на ПОИ, а во Лондон 2012 година го освои златниот медал со воздушен пиштол на 10 метри. Г.И.
Comments