Наковска-Бикова е кандидатка за пласман во финале на ПОИ
БРАНИМИР ЈОВАНОВСКИ, СЕЛЕКТОР НА ПАРАОЛИМПИСКАТА СЕЛЕКЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА
До почетокот на Параолимписките игри (ПОИ) во Токио (24 август – 5 септември) остануваат уште девет дена. За тоа како се одвиваат завршните подготовки, какви се шансите за медал и колку ковид-19 ќе се одрази врз Игрите и резултатите, разговаравме со селекторот на македонската параолимписка репрезентација, претседател на Параолимпискиот комитет на Македонија и носител на златен медал од ПОИ во Барселона 1992 година во стрелаштво, Бранимир Јовановски.
Како се одвиваа и како ќе се одвиваат до крајот подготовките за ПОИ во Токио, особено сега со новите мерки што ги донесе Владата?
– Оливера Наковска-Бикова се подготвува за претстојните Параолимписки игри во Токио во согласност со програмата изготвена од мене, како нејзин тренер. За жал, дел од активностите од програмата, пред сѐ поради состојбата со ковид-19 и мерките што беа преземани од Владата, не ги спроведовме во целост, особено активностите што предвидуваа повеќекратни и повеќедневни заеднички подготовки. Но тоа беше и очекувано со оглед на редуцираното работење на објектите за сместување, рестораните, а во еден период и забраната за тренинг во затворен простор, но и поради големата претпазливост да не се доведеме во преголем ризик од инфекција од вирусот. Алтернативна мерка за премостување на оваа состојба и објективните пречки пред кои се најдовме во текот на тренажниот процес, беше ставање акцент на тренинг во домашни услови. Параолимпискиот комитет на Македонија, благодарение на ваучерот што го добивме од Агенцијата за млади и спорт (АМС), за поддршка на тренажниот процес на Оливера Наковска-Бикова, набави СКАТ-електронски систем за тренинг во домашни услови, како и електронска цел „сиус ХС10“, на кои Оливера непречено можеше да тренира и да ги праќа копиите од тренингот до мене на анализа и натамошни инструкции. Еднаш до двапати месечно имавме контролни натпревари, а ја користевме сета можна достапна технологија за визуелно следење на тренинзите, преку Вибер, Скајп, Месинџер и слично. Секако дека не сме задоволни од квантумот на подготовките, но во согласност со условите во кои се одвиваше тренажниот процес, мислам дека го извлековме максимумот.
Изборните турнири за обезбедување олимписка норма за ПОИ во Токио завршија. Има ли промени во репрезентативниот состав?
– Во Токио, како спортист со обезбедена директна норма, патува само Оливера Наковска-Бикова, придружувана од мене, како нејзин тренер, лекарот на репрезентацијата Елвис Алексовски и шефот на мисијата Драган Дојчиноски. Втората наша претставничка за која се изборивме да добие вајлд-карта за настап во атлетика, Елена Давитковска, сепак нема да учествува на Игрите, поради влошена здравствена состојба на десното стапало, која не е санирана и може да предизвика сериозни компликации по нејзиното здравје, па лекар специјалист од спортска медицина не издаде согласност за тренинг и настап на натпревари сѐ додека таа целосно не закрепне. Оливера Наковска-Бикова ќе настапи во следниве три дисциплини: П2-воздушен пиштол жени 10 метри (31 август), П3-спорт пиштол 25 м (2 септември) и П4-пиштол слободен избор 50 м (4 септември).
Во каква форма е Наковска-Бикова и сметате ли дека е сериозен кандидат за освојување медал, можеби и трет златен за Македонија на ПОИ?
– Оливера се наоѓа во добра форма. Се обидуваме позитивно да ја прифатиме оваа непријатна состојба со ковид-19, која има големо негативно влијание врз сите аспекти од животот, вклучувајќи го и врвниот спорт, да разбереме дека сево ова им се случува на сите. Да останеме приземјени и да се обидеме да бидеме на висина од нашите моментални перформанси, кои и не се толку мали, за што потврди и нејзиниот настап во Нови Сад, по пауза од речиси две години, каде што во конкуренција на десетина учесници на Игрите во Токио, се закити со два медала, злато и сребро. Моментно се наоѓаме на завршни мини-подготовки во Охрид, работиме напорно по два тренинга дневно со вкупно време од пет до шест часа, работиме и на финеси и се обидуваме да направиме тактика за настап за секоја дисциплина одделно. Апсолутно сум уверен дека Оливера се наоѓа во топ петте светски стрелци и е сериозна кандидатка за пласман во финалето, а таму сѐ е можно, вклучувајќи и освојување медал. Меѓутоа не се заморуваме со тоа, а ќе се обидеме да го извлечеме нашиот максимален потенцијал, фокусирани на елементите на изведба на истрел, еден по еден сѐ до завршување на натпреварот (вкупно 60 на број плус финале). Дали ќе биде тоа доволно за медал или не, ќе видиме. Најважно е што пред заминувањето за Токио, сериозно ги сфаќаме обврските и одговорностите и владее позитивна атмосфера во македонскиот табор.
Што ќе биде пресудно за успешен настап во Токио и дали во моментов се соочувате со одредени проблеми?
– Фокусираноста на елементите на изведба на истрел, сериозниот пристап кон изведба на секој истрел посебно и, секако, одреден квантум на спортска среќа ќе бидат пресудни. Оливера е докажан мајстор на стрелачкиот спорт, многукратна шампионка и носителка на медали од врвни спортски настани. Тоа го постигнала со правилно усвоена техника, напорни тренинзи, многу труд, храброст, одлучност и, пред сѐ, посветеност кон стрелачкиот спорт. Поседува сѐ што ги краси вистинските шампиони. Убеден сум дека таа максимално фокусирано ќе се впушти во борбата за висок пласман, а во таа борба со нејзините конкурентки и конкуренти, оти две од дисциплините во кои ќе настапи се микс (се натпреваруваат во иста конкуренција и мажи и жени), нека победи најдобриот, најсреќниот и најснаодливиот.
Кога е предвидено да патувате за Токио и дали ќе имате доволно време за аклиматизација пред настапот?
– Оваа недела треба да направиме два ПЦР-теста, на 96 часа и на 72 часа пред нашиот прв интернационален лет. Се надеваме дека сѐ ќе биде во ред и дека ќе имаме негативни тестови што е предуслов за тргнување. На пат би требало да тргнеме на 23 август од Скопје за Виена, а потоа од Виена за Токио. Во Токио ќе пристигнеме на денот на отварањето на игрите, 24 август. Се надевам дека ќе ги завршиме сите процедури без поголеми одолжувања за да можеме да се појавиме на церемонијата на отворањето, на која македонското знаме ќе го носи Наковска-Бикова, придружувана од уште еден член од нашиот тим. Од 25 август почнуваат тренинзите, така што имаме доволно време за аклиматизација и приспособување на условите на стрелиштето.
Според вас, кои држави ќе доминираат на Игрите во Токио?
– Статистички гледано, на последните три ПОИ, во Рио 2016, Лондон 2012 и во Пекинг 2008, најмногу медали освоија спортистите од Кина, така што не се сомневам дека и овој пат ќе се повтори историјата. На второ место би требало да биде Велика Британија, а за третото место ќе се борат спортистите од Русија, САД, Австралија и од Украина.
Наковска-Бикова петти пат во низа дел од ПОИ
Стрелачката Оливера Наковска-Бикова ја исполни нормата за настап на Параолимписките игри на Светското првенство (СП) во Чеонгју (Јужна Кореја), во мај 2018 година, во дисциплината пукање со воздушен пиштол од 25 метри. Таа во квалификациите со 570 погодени круга го израмни светскиот рекорд, во конкуренција на 31 натпреварувачка, а во финалето го освои бронзениот медал. Нејзиниот настапот во Токио ќе ѝ биде петти во низа на ПОИ, а во Лондон во 2012 година, таа го освои златниот медал со воздушен пиштол (10 м). Во минатото медали од ПОИ освојуваа и Бранимир Јовановски (злато во Барселона, 1992) и Ванчо Каранфилов (сребро во Атина, 2004).
Comments