„Надвор од црното“ на Мице Јанкуловски во галеријата „Галатека“ во Букурешт
„Најновото уметничко производство на Мице Јанкуловски е истражување со саѓи (најцрната позната боја) – боја откриена од најновата нанотехнологија која обезбедува поглед во непознатото надвор од сè што досега е познато за црното. Неговата изложба „Надвор од црното“ од 13 до 18 ноември е поставена во Букурешт
„Надвор од црното“ (Beyond the black), е насловот на самостојната изложба на слики на познатиот македонски уметник Мице Јанкуловски, која до 18 ноември ќе биде претставена пред романската публика, поточно во галеријата „Галатека“ во Букурешт. Минатата година, пак, во Музејот на округот Бузау, по повод Европската ноќ на музеите, премиерно беше претставена изложбата „Пофалба на црното“ од Јанкуловски.
„Искуството од Бузау, од минатата година, кога во просек, 100 посетители на ден дојдоа да ги видат потпишаните дела на Мице Јанкуловски, ќе биде можно и во Букурешт. Беше голема радост за нас што можевме да и понудиме на тамошната јавност посебен културно-уметнички настан“, посочија од Музејот на округот Бузау.
„Најновото уметничко производство на Мице Јанкуловски е истражување со саѓи (најцрната позната боја) – боја откриена од најновата нанотехнологија која обезбедува поглед во непознатото надвор од сè што досега е познато за црното. Надвор од црното. Мотивот на изложбата е визуелно да одговори на прашањето: „Што е надвор од границите“? Наспроти белата боја (која ги рефлектира сите бои) црната ги апсорбира сите бои, црната се доживува како граница каде завршуваат сите бои. Дали е така? Што е зад, или подобро надвор од црното? Според перцепцијата на Јанкуловски тоа е повеќекратна реалност!“, се вели во објаснувањето на ова најново претставување на Јанкуловски.
Токму концептот на изложбата е една од тие реалности. „Главните атрибути на неговото уметничко дело му дозволуваат да прави бескрајни варијации и различни реалности, но како докажан минималист – ги постигнува со минимални елементи. Како и секогаш, тој користи само црни квадратни платна со различни дезени на црн акрилик. Конечната приказна се постигнува со множење на формите и шаблоните и со комбинација на модуларните (претходно обмислени) формати на платната распоредени во полиптиси“, се посочува во најавата на изложбата која и овој пат предизвика големо внимание во уметничкиот свет. Инаку, автор на концептот на поставката е Корнелија Конеска, а куратор – Анка Боериу од Националниот универзитет за уметност на Романија.
Како уметник, повеќе од пет децении Јанкуловски (1954), постојано е посветен на истражување во областа на сликарството и цртањето додека експериментира и јавно се претставува низ повеќе уметнички дисциплини (сликање на стакло, цртани филмови, анимациски филм, палиндроми…). Неговото уметничко дело постојано ги содржи формата, просторот, бојата, небојата и движењето како елементи што се повторуваат.
Инаку, Јанкуловски првенствено се занимава со истражување, или поточно барање на различните форми кои ги поставуваат темелите за создавање уметност. „Неговите интереси вклучуваат испитување на врските меѓу формите и просторот, нивното взаемно влијание и како формите се движат во даден простор. Кога се набљудуваат неговите слики и цртежи, може да се забележи дека доминантни се геометриските форми, но на крајот тие еволуираат во поорганска и невоздржана форма. Рабовите на овие форми играат клучна улога во дефинирањето на просторот и овозможуваат тој да функционираат како кохезивна целина“, .
Тoj e добитник на бројни награди, меѓу кои и наградата Ел Греко, на Арт Солун 2019 и високата награда за животно остварување за сликарство „Лоренцо Ил Мањифико“ (Лоренцо Величествениот) на 12. Меѓународно биенале на современа уметност Фиренца Биенале 2019 година, наградата „Уметник на светот“ на Ларнака Биенале 2018, Кипар… (Д.Т.)
Komentarze