Надал ќе паузира до крајот на годината
ТЕНИС
Шпанскиот тенисер Рафаел Надал објави дека поради проблемите со стапалото, кои го мачат подолго време, ќе го пропушти претстојниот гранслем-турнир во Њујорк и оти нема да настапува до крајот на годинава. – Многу ми е жал што објавувам дека нема да играм до крајот на сезоната 2021. Повеќе од една година се борам со болките во стапалото и ми треба време да најдам решение за овој проблем или барем да ја подобрам состојбата за да можам да играм и во следните неколку години – напиша Надал на својот твитер-профил. Надал потсети дека ова е повреда што ја трпи од 2005 година, но исто така посочи дека е мотивиран и подготвен да направи сѐ за да се врати во најдобра форма што е можно поскоро.
– Изминатиов период многу страдав со стапалото. Пропуштив многу важни настани за мене, како што се Вимблдон, Олимписките игри (ОИ) и сега САД опен и многу други настани за кои сум емотивно врзан. Сезонава не тренирав и не се подготвував онака како што треба за да бидам конкурентен според моите стандарди, па морав да ја донесам оваа одлука. Но 100 отсто сум уверен сум дека ќе закрепнам и ќе можам повторно да се борам за најважните работи – додаде Надал, кој сезонава ја завршува со 24 победи, пет порази и две титули од Мастерс-турнирите во Барселона и во Рим.
Comments