Надал ја потврди доминацијата на Ролан Гарос со победа над големиот ривал Ѓоковиќ
Шпанскиот тенисер Рафаел Надал се пласираше во полуфиналето на гранслем-турнирот Ролан Гарос совладувајќи го големиот ривал, Србинот Новак Ѓоковиќ, со 6-2, 4-6, 6-2 и 7-6 (7-4) по сетови. Мечот траеше 4 часа и 14 минути.
– Има само еден начин да се победи против Новак – да играте на вашето најдобро ниво од првиот до последниот поен – кажа Надал по победата над првиот светски рекет.
Но 13-кратниот освојувач на Ролан Гарос е свесен дека го очекуваат нови предизвици во борбата за новиот гранслем-трофеј. Следен противник на Надал ќе биде германскиот тенисер Александар Зверев.
– На крајот, ова беше многу емотивна вечер за мене. Но, ова е само четвртфинален натпревар. Значи сè уште не сум освоил ништо. Само си дадов шанса да се вратам на теренот за два дена. Многу ми значи играњето уште едно полуфинале на Ролан Гарос – изјави Надал, кој сугерираше дека тековниот Ролан Гарос би можел да му биде последен во кариерата поради проблемите со хроничните повреди.
Гранслемот во Париз се игра за награден фонд 43,6 милиони евра.
Comments