Надал поради мал пех го пропушта Мастерсот во Монтреал (Фото)
Рафаел Надал поради мускулен проблем мораше да се повлече во полуфиналето на Вимблдон и без борба му овозможи на Ник Кирјос да се бори за трофејот, кој сепак не успеа да го освои во големото финале со Новак Ѓоковиќ
Еден месец подоцна, Надал беше пријавен да игра на АТП Мастерсот во Монтреал, но по последниот пех на вчерашниот тренинг, Шпанецот реши да не презима ризици и комплетно да се опорави до Ју-Ес Опен.
Ова утро пристигна официјална информација дека Новак Ѓоковиќ нема да настапи во Монтреал поради својот вакцинален статус, а попладнево своето учество го откажа и Шпанецот.
– Од првиот ден на мојот одмор, па се до враќањето на тренинзите, се одеше добро изминативе седмици. Пред четири дена почнав да тренирам и сервис, но вчера имав мала болка која и натаму е присутна. Поради тоа, решивме да не патуваме во Монтреал и да продолжам со тренинзите без форсирање.
– Му благодарам од срце на директорот на турнирот и на целиот негов тим за разбирањето и поддршката која секогаш ја покажувале. Се надевам дека ќе се вратам да играм во Монтреал, турнир кој ме импресонира и кој го имам освоено пет пати пред публика која ми покажувала љубов. Не ми останува друго, освен да бидам претпазлив во овој момент и да размислувам за здравјето, – порача Надал.
Comments