Надал: Морам да се вратам во Шпанија и да си го средам животот
- Aleksandar Santovski
- Sep 6, 2022
- 2 min read
Рафаел Надал беше далеку од својот препознатлив ритам на мечот кој заврши нешто по полноќ, а кога на тоа се надоврза страшното издание на домашниот тенисер, на крајот видовме епилог каков што никој не можеше да замисли.
Френсис Тиафо ја оствари најголемата победа во кариерата и истата ја прослави со солзи во очите, бидејќи пред домашната публика во Њујорк успеа да елиминира 22-кратен грен слем шампион.
Тиафо беше наречен американски „ураган“ од локалните медиуми во Њујорк поради начинот на кој играше против Надал, а победата од 3:1 во сетови значи пласман во четвртфиналето за него, но и крај на надежите на Рафа дека може да дојде до 23-та грен слем титула.
– Одиграв лош меч, а Тиафо многу добар. Не успевав во континуитет да држам високо ниво на игра, едноставно немав добри удари денеска и не бев доволно брз. Тој рано ги фаќаше топките и не можев да го оддалечам од основната линија каде доминираше. Едноставно ударите не ми беа доволно добри и затоа загубив, – изјави Надал кој вели дека нема да очајува за поразот, бидејќи има многу поважни работи на личен план во Шпанија.
Неговата сопруга Чиска беше хоспитализирана пред 10-тина дена и направи хируршка интервренција по препорака на лекарите за сочувување на плодот, кој сега е најголема грижа на прославениот шпански тенисер.
– Морам да се вратам во Шпанија, да поправам некои работи и да си го средам животот. Не знам кога ќе му се вратам на тенисот. Ќе се вратам кога ќе бидам ментално подготвен за тоа. Кога ќе бидам подготвен да мислам само на тенисот, ќе се пријавам за следниот турнир. Имам многу поважни работи од тенисот во овој момент. Сакаме да завршиме со нешто што треба да биде најубаво, да го добиеме првото дете и се надевам дека се ќе заврши добро, – изјави Надал.

Comentarios