top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Над 40 филма од 17 европски земји на „Бич филм фестивал“

За приближно една недела од сега и онака културно богатиот Охрид ќе стане креативно и културно седиште на професионалци од филмската индустрија. Ќе биде место на средби, запознавања, разменување идеи и уживање во филмската уметност. Талентираните домашни и регионални автори на новата генерација на европскиот филм ќе имаат можност да ги прикажат своите филмски опуси, но ќе имаат и исто таква шанса да се запознаат со професионалци и со личните искуства на уметниците што се вбројуваат во самиот врв на светската кинематографија. Публиката, пак, ќе може да ужива во богатата филмска програмa на петтото издание на „Бич филм фестивал“.

Во пет фестивалски денови на четири локации специфични за фестивалот, како амбиенталноста на амфитеатарот во предворјето на „Св. Софија“, плажата Славија, Лапидариумот и бродот „Армада“ ќе бидат организирани филмски проекции на повеќе од 40 филма од 17 различни европски земји. – На 20 јули започнува отворањето на фестивалот на нова локација во амфитеатарот на предворјето на монументалната црква „Св. Софија“, како едно важно културно обележје на градот, со почеток во 20.30 часот. „Бич филм фестивал“ ќе биде отворен со грчкиот филм „A Simple Man“. Понатаму, следните фестивалски денови се селат на плажата Славија, Лапидариумот и бродот „Армада“. Во oфицијалната селекција на долгометражни филмови ќе бидат прикажани и филмовите „Anais in Love“, „A Pure Place“, „Inventura“, „Bitch“, „A Derogatory Term for a Woman“, „Infinite Sea“. Додека во официјалната селекција на краткометражни филмови и краткометражни студентски филмови ќе можеме да проследиме 33 филма – информира Ангела Здравковска. На петтото издание на фестивалот, за наградите голем бран – најдобар долгометражен филм, мал бран – најдобар краткометражен филм, Стефан Сидовски-Сидо за најдобро актерско остварување ќе одлучува тричленото жири составено од Фред Келемен, Кавех Захеди и Срѓан Драгојевиќ.

Во фокусот на фестивалот, покрај филмските проекции, е и едукативниот контекст, односно отворање можност за младите и заинтересираните луѓе да го збогатат и развијат своето познавање на филмската уметност и работа. За таа цел оваа година ќе се одржуваат две работилници, „Дизајн на филмски постер“, која ќе биде предводена од младата дизајнерката Матеја Николиќ, и „Филмска опрема“, чиј модератор ќе биде Илија Трицовски. Покрај работилниците ќе се одржи и мастерклас на Кавех Захеди насловен „Неуспех, можност за развој“. Захеди е американски режисер на независни филмови што ќе го пренесе своето животно искуство и ќе го отвори прашањето дали успехот се состои во задоволување само на една општоприфатена рамка. Модератор на овој мастерклас ќе биде Ивица Димитријевиќ.

Како и секоја фестивалска година така и оваа, фестивалските вечери ќе бидат затворени со музика, а за тоа ќе се погрижат младите диџеи Дамјана, Милан Серафимов, Ана Нудл, Андреас Хз и бендот „Хајка“. – Затворањето на фестивалот ќе ја следи својата воспоставена пракса да го затвора фестивалот со нов македонски филм, а годинава тоа ќе биде филмот „Сестри“ на Дина Дума – посочува Здравковска. С.Ј.




1 view

Comments


bottom of page