top of page

Наградите на „Остен“ – за животно дело на Џозеф Кошут и за творештво на Рембрант

15.03.2022 Mart Vtornik

Гран-при наградата за животно дело на „Остен“, Биеналето на цртеж „Скопје 2022“ годинава е наменета за Џозеф Кошут (1945) од САД, уметник и теоретичар, кој е пионер и една од главните фигури на концептуалната и инсталациската уметност во светот. Со ова признание тој ќе стане и дел од Советот на амбасадори на Остен, советодавно тело кое понатаму одлучува за наградата за животно дело, а е составена од уметници, професионалци.

„Џозеф Кошут создава дела базирани на јазици, кои постојано ја истражуваат улогата на јазикот и неговото значење во уметноста. Неговото повеќе од 40-годишно истражување за односот меѓу јазикот и уметноста има земено форми на инсталации, изложби, дела во јавни простори и публикации низ Европа, Америка и Азија, вклучувајќи учество на седум изданија на „Документа“ и осум изданија на Биенале во Венеција“, вели Корнелија Конеска, извршен директор на галеријата „Остен“. Токму на Биенале во Венеција, на 24 април, претставници од Остен и советот на Остен ќе му ја доделат наградата.

За творештвото на холандскиот уметник, сликар и графичар Рембрант, чија карактеристика се раскошните потези со четката, богати бои и мајсторство во техниката на користење драматичен контраст на светло и сенка, пак, беше наменета наградата „Светско културно наследство“. Како што велат од галеријата Остен, се доделува на уметник кој не е веќе меѓу нас, но неговите дела и творештвото имаат исклучително големо влијание врз историјата на светската уметност. Рембрант бил и познат автопортретист, а два автопортрети на Рембрант „Портрет на Јан Ујтенбогерт“ од 1635 година и „Портрет на Јан Аселин“ од 1647 година се дел од колекцијата на „Остен“.

Инаку, Меѓународниот повик за „Остен“ биеналето на цртеж „Скопје 2022“ е отворен и ќе биде активен до 31 мај годинава, а на него можат да учествуваат домашни и уметници од цел свет, а овозможено е и дигитално пријавување.

Според координаторката на Биеналето на цртежот Ангела Костова, во галеријата Остен во четврток (17 март) започнува и привју програмата, односно претставување на веќе пријавените уметници.

“Програмата започнува со самостојната изложба на Марија Павловска која активно твори во Македонија и Америка. Следуваат и изложби на Камелија Отеро од Франција, Лидија Пероти од Италија, Билјана Јевтиќ од Србија… А веднаш по „привју“, програмата започнува и официјалната програма во септември и ќе трае сè до настанот во „Чифте амам“ каде што официјално ќе се врачат наградите.

За наградите ќе одлучува меѓународно жири под претседателство на Ларс Керулф Молер, куратор и поранешен директор на музејот „Борнхолмс“ од Данска. (Д.Т.)



 
 
 

Comments


bottom of page