Наградени остварувања и регионални филмски хитови во декември во Кинотека
Updated: Dec 1, 2021
30.11.2021 Noemvri Vtornik
Во Кинотеката на Македонија ќе може да се погледне „Нечиста крв – грев на предците“ во режија на Милутин Петровиќ, сценаристички обработен на необичен начин пред повеќе од половина век од Воислав Нановиќ режисерот на првиот македонски долгометражен игран филм „Фросина“. Во декември ќе се репризира и уште еден наслов од ‘српскиот Холивуд’, филмот „Тома“ во режија на Драган Бјелогрлиќ и Зоран Лисинац, а кинотечната програма го содржи и краткиот македонски филм „Северен Пол“ на Марија Апчевска-Петровска, кој неодамна ја доби Големата награда на Фестивалот „Зинеби“ во Билбао, Шпанија, и се квалификува за Оскар…
Кинотеката на Македонија, покрај богатата програма што ја нуди во текот на целата година, на својата публика во декември ќе ѝ презентира неколку актуелни наслови, остварувања кои се регионални хитови во моментов, како и филмови снимени со мобилен. „Технологијата се менува, ‘орудијата’ за снимање и платформите за прикажување исто така, но останува љубопитноста да се сними свој филм. Декемвриската програма (1 декември) ја започнуваме со Мобил фестивал – Фестивалот на филмови снимени со мобилен телефон“, посочуваат од Кинотека.
Од филмовите кои се актуелни во регионот, пак, во Кинотека во декември ќе може да се погледне „Нечиста крв – грев на предците“ во режија на Милутин Петровиќ (2,3,4 и 6 декември). „Ова е нов производ на ‘српскиот Холивуд’. Агилноста на продуцентите и екранизирањето на темите од поблиското или подалечно минато овој пат резултира со ‘вестерн’ во српски и турски народни носии, со Драган Бјелогрлиќ во главната улога. Филмот е снимен според познатата романескна предлошка ‘Нечиста крв’ на класичниот српски писател Борисав Бора Станковиќ, но податокот дека е сценаристички обработено на необичен начин пред повеќе од половина век од Воислав Нановиќ режисерот на првиот македонски долгометражен игран филм ‘Фросина’ е доволно интригирачка покана за гледање“, истакнуваат од Кинотека.
Во декември ќе се репризира и уште еден наслов од ‘српскиот Холивуд’. Станува збор за филмот „Тома“ во режија на Драган Бјелогрлиќ и Зоран Лисинац (6 и 16 декември). Филмот е еден импресионистички портрет на фолк-пејачот, боем, поет, кантавтор Тома Здравковиќ и ги прикажува неговите почетоци, врвот на славата, како и неговите љубови што го инспирирале за компонирање на некои од најголемите негови хитови. Остварувањето, кое предизвика воодушевување кај публиката во регионот, го прикажува и односот на оваа извонредна фигура на српската народна сцена со голем број пријатели од уметничкиот свет на тогашна Југославија. „Ова е приказна за душата. Приказна за достигнувањето неочекувани висини на популарноста, но и на дното на животот“, се истакнува за филмот.
Декемвриската понуда на кинотечната програма го содржи и краткиот македонски игран филм „Северен Пол“ на Марија Апчевска-Петровска (2,3,4 и 6 декември). Неодамна тој ја доби Големата награда на 63. Интернационален фестивал „Зинеби“ во Билбао, Шпанија, а ова признание го внесе во потесниот круг за Европските филмски награди коишто ќе се доделуваат во декември 2022 година од страна на Европската филмска академија (ЕФА), што истовремено значи и квалификација за Оскар (2023). Филмот е сниман на малку подзаборавената супер 16 мм филмска лента, а неговата сторија говори за фрустрирачкото одраснување и сексуалното созревање на една тинејџерка. Инаку, остварувањето беше и во официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал 2021, во конкуренција за наградата „Златна палма“ за најдобар краток филм, што е голем успех за еден македонски филм.
Oд 7 до 14 декември ќе се проектираат неколку наслови од регионот и Европа, во кој Македонија има малцинско продукциско учество. На програмата се два наслови од „новиот бран“ на бугарската кинематографија „18% сиво“ на Виктор Чучков и „Насоки“ на Стефан Комендарев, и два словенечки филмови на Винко Модерндерфер: „Инферно“ и „Застој“. Во овој блок филмови спаѓаат и „Виа Карпатија“ на Клара Кочанска и Каспер Бајон со најпознатиот актер-натуршчик на овие простори Бајрам Северџан и последниот филм на неодамна починатиот автор Горан Паскаљевиќ „И покрај маглата“.
Средината на декември во Кинотека, пак, е резервирана за Неделата на полски филм, веќе традиционална филмска смотра на најдоброто од класичната и современа полска кинематографија, а публиката ќе може да одгледа и уште едно остварување во редовниот термин на „Вечер на француски филм“ во избор на Францускиот културен центар. Кинотеката на Македонија, декември и оваа 2021 година ќе ја заокружи со филмови од најновото издание на Фестивалот на анимиран филм „Анимакс Скопје фест“.
Во интервју за весникот ВЕЧЕР директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов, посочи дека смета дека институцијата со својата програма е доволно видлива во јавноста. „Понекогаш мислам и дека сме здодевни/агресивни од што сме видливи. Можеби сум субјективен. Секако дека ќе останеме видливи и дека ќе продолжиме со активностите. А, што се однесува до привлекувањето на публиката, се обидуваме да создадеме убав амбиент каде посетителите ќе се чувствуваат пријатно, како дома што би се рекло, но сепак изборот на филмови и содржини е пресуден“, вели Ангелов. Тој воедно посочува дека покрај тоа што Кинотеката се грижи за македонските филмови, таа постојано се занимава и со изработка на копии/дигитализација на остварувањата. „Она што го чуваме и заштитуваме, секако го презентираме во нашата киносала. Ги враќаме филмовите во живот и го одржуваме нивниот живот. Сè уште набавуваме филмови што се однесуваат на Македонија. Секако, гледаме да прикажуваме странски филмови што оставиле траги во историјата на филмот, но и да бидеме алтернатива на комерцијалните киносали. Има луѓе што ја сакаат нашата програма и посветено ја следат. А нашата улога е и образовна“, додава Ангелов. (Н.И.Т.)
Comments