Наградата „Ана Франк“ за Николовска, Баковиќ и Чотриќ
- Aleksandar Santovski
- Mar 24, 2022
- 1 min read
Македонската писателка Кристина Николовска, Ивица Баковиќ од Хрватска и Александар Чотриќ од Србија се годинешните добитници на Меѓународната награда „Ана Франк“ која се доделува за нивниот севкупен книжевен придонес на планот на културната комуникација, соработка и размена, а посебно за литературата за деца и млади.
Наградата ја доделуваат Издавачката куќа „Феникс“ и Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ од Скопје. Николовска е македонски поет, критичар, есеист, научен работник и редовен универзитетски професор.
Таа е посветен афирматор на современата македонска литература и акутелен раководител на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет Блаже Конески во Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1992, а денес е член на Претседателството на ДПМ и секретар за меѓународна соработка.
Автор е на голем број дела и добитник на значајни државни и меѓународни награди и признанија. Баковиќ е доктор на науки на Одсекот за јужнословенски јазици и книжевност на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб. Бил соработник на проектот Книжевните, јазичните и културолошките аспекти на хрватско-македонските односи, а е автор на антологијата “Македонски раскази за деца“, објавена во Загреб.
Исто така, тој е преведувач на голем број дела од македонски на хрватски јазик. Чотриќ, пак, е писател за деца и млади и автор на голем број книги и антологии. Преведен е на повеќе од триесет јазици, а посебно е познат по своите афоризми за возрасни и деца. Преведува од македонски на српски јазик. Добитник е на низа награди и признанија. Живее и работи во Белград и Панчево.

Comments