Награда за преведувачот Игор Поповски на „Празникот на прчот“ од Љоса
На годинешниот Саем на книгата е доделена наградата „Ванѓа Чашуле“ за литературен превод од шпански и португалски јазик за време од 2015 до 2022 година. Преведувачот Игор Поповски се закити со оваа награда за преводот од шпански на македонски јазик за книгата „Празникот на прчот“ од Марио Варгас Љоса, во издание на „Полица“, објавен во 2018 година. Оваа книга е динамично четиво, политички трилер од познатиот перуански романсиер, драматург, новинар, политичар и есеист, добитник на Нобеловата награда за литература во 2010 година, а од ноември 2021 и член на Француската академија.
Од комисијата, во чиј состав се академик Илија Чашуле, професорката Лилјана Митковска и Калиопа Петрушевска, потврдуваат дека преводот на „Празникот на прчот“ е деликатна задача пред сè поради богатството и колоритната лексика на шпанскиот јазик, како и суптилните стилски одлики на писателот, кои се доблесно отсликани во македонскиот превод на ова значајно дело за светската литература.
Во најтесниот избор влегоа „Просечен индекс на среќата“ од Давид Машадо, превод од португалски јазик на Ненад Трповски, издание на „Антолог“ – Скопје, 2018; романот „Татковина“ од Фернандо Арамбуру, превод од шпански јазик на Катерина Јосифоска, издание на „Артконект“ – Скопје, 2021; романот „Абадон, уништувачот“ од Ернесто Сабато, превод од шпански јазик на Ненад Велковски, издание на „Три“ – Скопје, 2016.
Со доделувањето на оваа ценета награда се продолжи традицијата и истовремено се одбележа стогодишнината од раѓањето на Ванѓа Чашуле, македонската преведувачка, историчарка, публицистка, учесничка во НОБ и носителка на „Партизанска споменица 1941“.
Comments