Нагелсман ироничен: Вистинска лудост, ова го може само Барселона
Од клуб кој не може да регистрира ниту еден играч, Барселона во период од само неколку дена потроши околу 120 милиони евра за ангажманите на Рафиња и Левандовски, факт што за многумина е незамислив со оглед на тешката финансиска криза која ја пријавува каталонскиот великан веќе подолго време.
Клубот со интерното рефинансирање успеа да се избори за нов побогат буџет и сега ги користи тие пари за трансфери, но иако во Шпанија не се гледа премногу сериозно на тоа, во останатиот дел од светот се чудат како Барса изведува милионски засилувања кога има долг од една милијарда евра.
Последната летна аквизиција на Барселона е Роберт Левандовски од Баерн Минхен, за кого Баварците ќе добијат 50 милиони евра, иако долго се противеа да го продадат на големиот европски ривал.
Дирекеторите на Баерн попуштија и на крајот се согласија да го ослободат Полјакот, а трансферот вреден 45+5 милиони евра го натера Нагелсман да излезе со иронична изјава.
– Барселона е единствен клуб во светот кој го може ова, вистинска лудост. Тие се едиствените кои немаат пари, но на крајот го добиваат секој играч кој ќе го посакаат. Навистина не знам како им успева тоа, – вели Нагелсман.
Comments