На „Скопско лето“ концерт со руски романси и проекција на „Викенд со тато“
Во рамки на фестивалот „Скопско лето“ на 9 јули, од 20:30 часот, во Музејот на македонската борба ќе се одржи концертот „Вечер со руски романси“.
На концертот ќе се изведуваат песни од руски автори, а учесници се Македонка Петреска – сопран, Ивона Огненовска – мецо-сопран, Елена Васова – сопран, Сара Јанева – мецо – сопран, Марија Ѓеорѓиевска – сопран, Фјола Исеини – сопран, Мариана Бошковска – мецо-сопран, Билјана Камчева – сопран, Давид Миладинов – баритон. Музички соработник и водител ќе биде м-р Елена Силјановска.
Истата вечер, од 21 часот, во Кинотека на Македонија, во рамки на Кафе-киното на „Скопско лето“ ќе се прикаже српската комедија „Викенд со тато“. Сценариото и режијата се на Мирослав Момчиловиќ, а улогите ги толкуваат Ненад Јездиќ, Бранко Видаковиќ, Катерина Радивојевиќ, Светлана Бојковиќ, Васа Вранеш.
Во оваа комедија прикажан е односот помеѓу еден татко и син, а Кашика е средовечен белградски криминалец, припадник на старата школа, кој сака да го помине викендот со својот син од претходниот брак Огнен, кој е единаесетгодишник. Поранешната сопруга му излегува во пресрет, знаејќи дека му се ближи крајот и дека најверојатно ова може да му биде последната средба со неговиот син. Кашика го нема видено својот син 5 години, бидејќи имал забрана да му се приближува. Тој се обидува забрзано да му го пренесе сето она што тој смета дека е важно за животот и за преживување на улица. Огнен, пак, пораснат во современо wi-fi опкружување, без момент да дојде до здив, наеднаш е фрлен во подземниот свет на својот татко…
Comentarios