На Светското атлетско првенство во Будимпешта: Признание за спортскиот новинар Зоран Михајлов
Меѓу новинарите на кои ќе им бидат врачени признанија за афирмација на најелитните светски атлетски собири е и македонскиот новинар Зоран Михајлов
Во деновите на одржувањето на Светското атлетско првенство во Будимпешта, од 19 до 27 август, како и во минатото така и сега, вообичаено е на овие врвни собири да се одржуваат и други манифестации. Така, во новоизградениот единствен атлетски музеј во светот (МОВА), што е во непосредна близина на „Немзети“ стадионот, ќе има и традиционален собир на новинарите организиран од АИПС (Светската организација на спортските новинари) и ИААФ (Меѓународната атлетска Федерација) на кој на новинарите што имаат најмногу учества и придонес за афирмацијата на најелитниот светски атлетски собир ќе им бидат врачени признанија. Меѓу поканетите, кои треба да добијат вакво признание е и македонскиот новинар Зоран Михајлов, кој уште во Лондон на СП во 2017 година беше награден за афирмацијата на атлетскиот спорт, а сега треба да добие и второ признание, овојпат по повод прославата на 40-годишнината од одржувањето на светските првенства, кои својот почеток го имаа во Хелсинки во 1983 година. Зоран Михајлов, како коментатор на МТВ, а потоа и како известувач на повеќе македонски медиуми, со доаѓањето во Будимпешта ја заокружува бројката од 15 учества на светските атлетски првенства, а може да се пофали и со учествата на Олимпијадите (девет летни и шест зимски). Инаку, за потсетување, еве го патот на Зоран Михајлов кој извесуваше од светските првенства во Штутгарт (1993), Гетеборг (1995), Атина (1997), Севилја (1999) Едмонтон (2001), Париз (2003), Хелсинки (2005), Осака (2007), Берлин (2009), Даегу (2011), Москва (2013), Пекинг (2015), Лондон (2017), Доха (2019) и Будимпешта (2023). Михајлов со своите известувања од најголемите спортски приредби во светот го афирмираше и спортското новинарство во нашата држава.
Comments