На Саемот на книгата „Македоника литера“ со 70 нови наслови и со Кинеска полица
На годинашниот саем на книгата во Скопје што почнува денес и ќе трае до 14 септември, „Македоника литера“ се претставува се седумдесетина нови книги, од кои голем дел се преведени дела од големата кинеска литература.
Од некои национални литератури „Македоника литера“ има објавено неколку десетици наслови, а најмногу од хрватската литература – близу четириесет дела и од кинеската литература близу 50 дела.
Поради тоа, „Македоника литера“ на Саемот на книгата во Скопје постави посебен дел наречен Кинеска полица. Делата од кинеската литература, која претходно не беше доволно преведувана на македонски јазик, „Македоника литера“ ги публикуваше во последниве неколку години и тие претставуваат базични дела од кинеската литература, култура и филозофија.
Меѓу другото, објави и три репрезентативни серии – „Клучните концепти во кинеската мисла и култура“ во 6 книги (ќе биде довршена во 9 книги оваа есен по неодамнешното завршување на оригиналната серија во Кина), „Најдобрата кинеска литература за деца“ со 13 тома избори од најдоброто прозно творештво на најпознатите кинески писатели за деца (до крајот на годинава ќе бидат публикувани уште пет тома), и серија од седум книги на Шен Шиси, најпознатиот и најпродаваниот кинески писател за деца и млади, наречен и „кралот на приказните за животни“.
На штандот на „Македоника литера“ ќе бидат гости и двајца македонски писатели, кои за своите читатели ќе потпишуваат свои книги. Утре, четврток, од 11 до 14 часот, свои книги ќе потпишува Киро Донев, од кого „Македоника литера“ досега публикуваше десетина книги, а во сабота, од 12 до 14 часот, Владимир Илиевски ќе го потпишува својот нов роман – македонски бестселер „Суво мастило“, од кого исто така „Македоника литера досега објавила осум негови книги (проза, поезија и теорија на литературата).
Comments