На промоцијата на книгата Велинова доби подарок самовилско коњче
На Денот на македонскиот јазик промовирана „НА КРИЛЈАТА НА САМОВИЛСКОТО КОЊЧЕ“ од авторката Александра Велинова во издание на Едука Мак, во Промотивниот Центар на Саемот на книга.
Промотор беше проф. д-р Кристина Николовска. Извадоци драматизираа ученици од основното училиште „Блаже Конески“ од Аеродром во костими од рециклирана хартија под менторство на нивната наставничка Јадранка Клисарова. Тие како изненадување за авторката изработиле самовилско коњче како изненадување за авторката. - Пораката на оваа книга е јасна: колку повеќе ја запознаваме Македонија, толку повеќе ќе ја сакаме – вели Велинова. Целта на книгата е што повеќе време децата да поминуваат со книгите и во природа со своите родители, што помалку пред мобилните и компјутерите. Да внимаваме на животинскиот и растителниот свет, бидејќи сме дел од природата. Љубопитниот Алексеј и самовилското коњче преку својата авантура ја запознаваат читателската публика со убавините на Малешевските планини и ретките ендемски видови кои се наоѓаат таму. Прекрасните колоритни илустрации привлечни за детското око се на илустраторката СЛАВИЦА КУПЕНКОВА, уредник на книгата е Михајло Маказлиев кој е и компјутерски и графички дизајнер, лектурата е на проф. д-р Елизбета Бандиловска, а рецензент е Љубинка Донева. Александра Велинова е новинарка, презентерка и член на ДПМ. Има напишано неколку книги за деца меѓу кои: „Бидејќи сум дете“, „Стефан во магичниот град“, „Стефан на прошетка со Ками во Египет“ и „Стефан во Дино парк“ .
Comments