На „Охридско лето“: Музичко доживување со романските уметници Иуга и Михаил
Updated: Aug 11, 2021
10.08.2021 Avgust Vtornik
Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер донесе извонреден концерт за контрабас и пијано со романско-германскиот контрабасист Петру Иуга и романскиот пијанист Хориа Михаил. Музичкото доживување што го приреди ова дуо започна со Шубертовата соната „Апреџоне“ во а-moll, а потоа со романските танци на Бела Барток со што на публиката ѝ беше претставена и дел од романската класична музика. Во вториот дел од концертот, романските уметници ги отсвирија Сонатата за виола во d-moll од Глинка и Варијациите на Рококо тема од Чајковски.
Иуга и Михаил првпат доаѓаат во Охрид, но заминуваат со многу позитивни импресии. „Првпат сум во Охрид, дури и воопшто во Македонија. Многу сум импресиониран од убавината на природата и луѓето кои се многу пријатeлски настроени. Ова е прекрасен фестивал судејќи по имињата кои настапувале, па затоа честа и задоволствoто се огромни што можам да настапувам овде токму на ‘Охридско лето’. Исто така и убавината на црквата, особено ми е интересно бидејќи првпат свирам во православна црква, а доаѓам од Романија. Ме плени нејзината акустичност“, рече контрабасистот Иуга.
Двајцата уметници имаат свои извонредни соло кариери и се познаваат од одамна, но нивната работа ги однела на различни страни во светот. „Со Хориа се знаеме одамна, но го замолив да учествува со мене бидејќи е извонреден уметник кој студирал во Бостон и знае да се организира при вакви настани. Преку нашиот настап во Охрид всушност нашето минато го поврзавме на сцената“, додаде Иуга.
И за пијанистот Хориа Михаил исто така е задоволството што вчеравечер музицираше на „Охридско лето“. „Голема е честа што се наоѓам овде во Охрид на овој доста познат и ценет фестивал што го организирате секоја година. Вчудоневиден сум од убавината на стариот град од езерото. Петру живее во Германија, јас во Романија, но убаво е што се соединивме токму овде. Размислувам за одмор, па би сакал пак да се вратам во Охрид, но овојпат како турист“, кажа пијанистот Михаил.
Comments