На музиката на „Еј ти момче Охриѓанче“ се танцуваше во Кина – Матеа Киселичка ја претстави Македониј
07.12.2020 Декември Понеделник
На „Гала вечерта“, на која присуствуваше дипломатскиот кор, како и значајни личности и уметници од Кина и Европа, повеќе уметници ги претставуваа своите земји и ја промовираа соработката која се одвива во последните неколку години меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа
Со кореографијата на звуците на етно-музиката на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ „Еј ти момче Охриѓанче“, македонската танчерка и кореографка, Матеа Киселичка, ја претставуваше Македонија на “Гала вечерта“ во рамки на „Пролетниот фестивал“ во Куншан (Кина). Таа настапи на покана на Амбасадата на Република Северна Македонија во Кина, а со самиот настан беше одбележана соработката помеѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа.
Пред дипломатискиот кор, како и значајни личности и уметници од Кина и Европа, настапија повеќе уметници од различни категории, кои ги претставија своите земји и ја промовираа соработката која се одвива во последните неколку години. „Настанот има за цел да ја обедини суштината на традиционалната и современата уметност на земјите учеснички, користејќи високотехнолошки и аудиовизиуелни методи за репродукција на врвните достигнувања на нивната култура и уметност.
Киселичка, која со овој настап ја претставува нашата земја, настапи со своја кореографија, која содржи етно елементи од македонксите народни и традиционални ора, моделирани преку вокабуларот на современиот танц“, велат од Скопје танцовата академија.
Инаку, македонската кореографка Матеа Киселичка е дел од првата генерација современи танчари, едуцирани во нашава земја на Скопје танцовата академија и е дел од Скопје танцовиот театар од неговото основање.
Во моментов таа работи како универзитетски професор на „Конзеравториумот за музика“ во Ханџо, Кина, на кој предава современ танц. Како танчер и кореограф, Матеа Киселичка, со претстави на Скопје танцовиот театар во кои се вклопени и нејзини кореографии, настапува низ земјава и странство, на престижни фестивали, како „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија, „Battery Dance Festival“ во Њујорк, „Интернационалниот фестивал за танц“ и „Средба во Пекин“ фестивалот во Пекин, Кина и др.
Comments